Прославата на 35-годишнината од независноста, во чии рамки настапија светски музички имиња како Дејвид Гета и Хозе Карерас, била реализирана преку Државната лотарија, која објавила јавен повик за спонзорирани настани, објави „Призма“.
Според документите до кои дошле БИРН, Владата на 28 април донела одлука организацијата на прославата да му ја довери на државното акционерско друштво. Само два дена подоцна, на 30 април, Лотаријата објавила јавен повик за прибирање понуди.
Повикот не бил објавен преку системот за јавни набавки, бидејќи, според директорот на Државна лотарија Александар Климовски, бил спроведен согласно Законот за спонзорство и донации.
Во повикот однапред биле наведени условите за програмата, меѓу кои и настап на светски артист од највисока категорија со продукција и очекувана публика од најмалку 30.000 луѓе. Описот одговара на настапот на Дејвид Гета, заклучува БИРН.
Како втор голем настан бил предвиден настап на интернационална ѕвезда во придружба на македонски музичари, што се реализираше со Хозе Карерас. Биле предвидени и најмалку 12 настани низ државата со театарски и визуелни перформанси.
На повикот, според изјавата на Климовски за „Призма“, се пријавила само компанијата „Стардаст“, поврзана со „Авалон“. За изборот одлучувала надворешна комисија составена од уметници.
Прашањето за финансирањето, сепак, останува отворено. Климовски за одговори на дополнителните прашања за сумата потрошена за прославите ја упатил новинарката кон Владата, од каде, според БИРН, сè уште нема одговор.
Официјалните информации за финансиската конструкција се особено значајни по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека целата прослава, вклучително и настапот на Дејвид Гета, за Буџетот и граѓаните чинела нула денари.
БИРН во текстот потсетува дека Владата претходно најавуваше дека јавноста ќе биде информирана за финансиските аспекти откако ќе бидат финализирани програмските, продукциските и договорните елементи.
Досега, покрај Гета и Карерас, во рамките на серијата настани настапија и Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Окенфолд, додека перформансот „Силно светнал ден“ го реализираше продукцијата ОХО со режисерот Дејан Пројковски.
Извор: БИРН Македонија – „Призма“
Прочитајте го оригиналниот текст на „Призма“: „Договорот со Авалон одел преку Лотарија“

