Стотици граѓани на улиците во Србија, „24 минути“ се враќа на 19 септември

Screenshot Foto: Goran Srdanov/Nova.rs

Стотици граѓани на улиците во Србија, поточно во центарот на Белград, вечерва маршираа во знак на поддршка на екипата на сатиричната емисија „24 минути со Зоран Кесиќ“, откако таа беше отстранета од телевизиската програма. Пред зградата на српското претседателство одекнуваше пораката „Студентите победуваат“.

Собирот започна на плоштадот „Никола Пашиќ“, по повик на повеќе новинарски здруженија и медиумски организации. Учесниците потоа поминаа покрај српското Собрание и претседателството, а дел од возачите со сирени им изразуваа поддршка.

Организаторите порачаа дека протестот не е само за судбината на една емисија, туку и за сè потесниот простор за слободно, критичко и сатирично новинарство во Србија.

Зоран Кесиќ пред присутните праша како една емисија што била претставувана како „маргинална“ успеала да собере толку многу луѓе на улиците.

„Ова не е парастос, туку воскресение“, порача Кесиќ и најави дека „24 минути“ ќе продолжи на Јутјуб. Новото издание е најавено за 19 септември во 19 часот и 30 минути.

Поддршка дадоа и актерката Светлана Бојковиќ и Марко Дражиќ од „Њуз нет“, кој оцени дека собирот не е простување од емисијата, туку обид таа да продолжи да живее во нов формат.

Отстранувањето на „24 минути“ од телевизиската програма предизвика реакции кај дел од јавноста, која во одлуката препозна уште еден удар врз критички настроените медиумски содржини. Екипата, сепак, најави дека нема да запре и дека преселбата на Јутјуб треба да отвори ново поглавје за емисијата.

Маршот прерасна во поширок израз на незадоволство од состојбата со медиумските слободи во Србија. Пораката „Студентите победуваат“, која се слушаше пред претседателството, го поврза собирот со повеќемесечните студентски и граѓански протести низ земјата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?