Грчката европратеничка Ева Каили која се уште е во притвор, е во центарот на скандалот Катаргејт
Европскиот парламент се очекува во четврток да гласа за барањето на белгиските власти за укинување на имунитетот на европратениците Марк Тарабела (Белгија) и Андреа Коцолино (Италија), кои наводно се поврзани со случајот што стана познат како „Катаргејт“.
Комитетот на ЕП што ги оценуваше барањата за одземање на имунитетот, денеска, на затворена седница, едногласно го поддржа инсистирањето на обвинителството, соопштија белгиските медиуми, цитирајќи ја известувачката Манон О’бри.
Комитетот забележа дека Тарабела и Коцолино не се спротивставиле на одземањето на нивниот имунитет и дека за случајот се користи забрзана постапка.
О’бри прецизираше дека на денешната одлука влијаеле признанијата на Антонио Панцери и Франческо Џорџи, кои беа приведени во декември.
Поранешниот европратеник Панцери, обвинет дека е шеф на организирана криминална група за влијание во корист на Катар и Мароко, е сведок на обвинителството и се надева дека ќе добие казна од пет години затвор во замена за целосно признание. Џорџи, пак, кој беше негов парламентарен асистент и партнер на поранешната заменик-претседателка на ЕП, Ева Кијли, исто така призна дека е вклучен во незаконски активности.
При апсењето на поранешната потпретседателка Кајли, нејзиниот татко, Џорџи и други наводни членови на криминалната група, белгиските инспектори пронајдоа над 1,5 милиона евра во готовина.