Излезните анкети му даваат предност на опозицискиот блок, додека крајната десница ризикува да остане надвор од владата.
Шведска влегува во новата недела пред можна смена на власта. Двете излезни анкети покажуваат предност на опозицискиот блок предводен од социјалдемократката Магдалена Андерсон, која по четири години во опозиција може повторно да стане премиерка.
Според излезната анкета на јавниот сервис СВТ, четирите опозициски партии освоиле 51,3 отсто од гласовите, наспроти 46,8 отсто за владејачкиот десничарски блок. Проекцијата им дава 183 пратенички места на опозициските партии, осум повеќе од потребните 175 за мнозинство во парламентот со 349 места.
И анкетата на телевизијата ТВ4 ја постави опозицијата на 51,3 отсто, додека партиите што го поддржуваат актуелниот премиер Улф Кристерсон добиле околу 47 отсто. Доколку бројките се потврдат со пребројувањето, Шведска ќе добие нова влада, а Андерсон ќе се врати на функцијата што ја загуби по тесниот пораз во 2022 година.
Социјалдемократите остануваат најсилната поединечна партија со проектирани 28,4 отсто од гласовите, иако тоа е послаб резултат од изборите пред четири години. Моќта на Андерсон, сепак, не произлегува само од резултатот на нејзината партија, туку од вкупната предност на блокот во кој се и Партијата на левицата, Центристичката и Зелената партија.
Еден од највпечатливите резултати доаѓа од Шведските демократи. Крајнодесничарската партија, која во изминатите четири години го поддржуваше кабинетот на Кристерсон, според анкетата на СВТ паднала на третото место со 17,2 отсто. Таа во 2022 година беше втора политичка сила со 20,5 отсто од гласовите.
Токму можноста Шведските демократи првпат да добијат министри беше едно од главните прашања на изборите. Кристерсон од 2022 година владее со коалиција составена од Модератите, Демохристијаните и Либералите, која во парламентот се потпира врз поддршката на крајната десница.
Андерсон предупредуваше дека нивното директно влегување во владата дополнително ќе ја помести земјата надесно. Изборната кампања се водеше во атмосфера на силна поларизација, со жестоки расправи за трошоците за живот, здравството, криминалот, имиграцијата, безбедноста и енергетската политика.
Магдалена Андерсон веќе беше премиерка на Шведска во периодот од 2021 до 2022 година и беше првата жена на таа функција. Во нејзиниот мандат земјата ја напушти долгогодишната воена неутралност и го почна процесот за членство во НАТО.
Но, предноста на опозицијата не значи дека новата влада ќе биде формирана без проблеми. Партиите што ја поддржуваат Андерсон имаат сериозни разлики околу даноците, јавната потрошувачка и енергетската политика, па по пребројувањето ќе следуваат преговори за парламентарна поддршка.
Излезните анкети не се конечен изборен резултат. Во 2022 година тие првично покажаа предност на блокот на Андерсон, но по пребројувањето победи десницата. Шведската изборна управа соопшти дека прелиминарните бројки ќе се објавуваат во текот на изборната ноќ, додека конечниот резултат се очекува следниот викенд.

