Руски дронови погодија област во западна Украина во непосредна близина на полската граница, при што избувна пожар кај бензинска станица и беа зафатени повеќе камиони во близина на граничниот премин Јаходин-Дорохуск. Местото на ударот се наоѓа на околу 800 метри од територијата на Полска.

Според украинските власти, пожарот избувнал откако остатоци од соборен дрон паднале во близина на бензинската станица. Самиот граничен пункт не бил погоден, а во нападот нема повредени.

Работата на преминот привремено била прекината за време на воздушната тревога, додека царинските службеници и патниците биле засолнети. Сообраќајот подоцна бил обновен, додека пожарникарите продолжиле со расчистување на последиците.

Јаходин-Дорохуск е еден од најважните копнени премини меѓу Украина и Полска и претставува клучна рута за транспорт на хуманитарна и воена помош од Полска и другите западни сојузници кон Украина.

Во истиот бран напади бил погоден и патнички воз на линијата Киев-Варшава. Според украинската железница, дрон ја оштетил локомотивата на околу два километри од полската граница. Патниците и екипажот претходно биле евакуирани по предупредување и нема повредени.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха оцени дека нападите во близина на границата не се само напад врз Украина, туку директно ја доближуваат војната до Европската унија и НАТО. Тој ги повика европските држави да го засилат притисокот и санкциите кон Москва.

Полските власти потврдија дека нападот се случил во непосредна близина на нивната граница и дека на полска страна нема повредени. Варшава во изминатите денови веќе предупреди дека очекува Русија почесто да ги таргетира граничните премини меѓу Украина и европските земји.

Нападот е дел од поширок руски воздушен бран врз западните делови на Украина, региони кои досега беа значително помалку изложени на интензитетот на борбите од источниот фронт.