Британскиот регулатор за лекови примил пријави за повеќе од 200 смртни случаи кај лица кои користеле лекови од групата GLP-1, меѓу кои Mounjaro, Wegovy, Ozempic и Saxenda. Регулаторот нагласува дека пријавите претставуваат сомнеж за поврзаност и не докажуваат дека лековите ја предизвикале смртта.
Според податоците од британскиот систем Yellow Card, 120 смртни случаи биле пријавени во врска со тирзепатид, активната состојка во Mounjaro. За семаглутид, кој се користи во Wegovy, Ozempic и Rybelsus, биле пријавени 59 смртни случаи, додека за лираглутид, кој се продава и под името Saxenda, биле пријавени 37. Вкупно станува збор за 216 пријавени смртни исходи.
Покрај нив, регулаторот примил и повеќе од 158.000 пријави за сомнителни несакани реакции поврзани со овие лекови. Најголем број, над 106.000, се однесуваат на тирзепатид, околу 48.000 на семаглутид и над 4.400 на лираглутид.
Од британската Агенција за регулирање на лекови и здравствени производи, MHRA, предупредуваат дека податоците мора внимателно да се толкуваат. Во Yellow Card може да се пријави секој сомнеж за несакана реакција, но самата пријава не значи дека е утврдена причинско-последична врска меѓу лекот и здравствениот проблем или смртниот исход.
Од MHRA посочуваат и дека бројот на пријави треба да се разгледува во контекст на милионите рецепти за GLP-1 лекови издадени во Велика Британија. Според регулаторот, врз основа на досегашните докази, придобивките од овие лекови и натаму ги надминуваат потенцијалните ризици кога се користат согласно одобрените индикации.
Британските здравствени власти претходно ги засилија предупредувањата за ризикот од акутен панкреатитис кај GLP-1 лековите. Од 2007 до октомври 2025 година биле пријавени 1.296 случаи на различни форми на панкреатитис поврзани со оваа група лекови, од кои 19 завршиле со смртен исход.
GLP-1 лековите првично се користеа во третманот на дијабетес тип 2, но во последните години дел од нив масовно се употребуваат и за намалување на телесната тежина. Тие делуваат преку имитирање хормони кои влијаат врз апетитот и чувството на ситост.

