Европските земји ќе мора да бидат подготвени за „вистински тешкотии“ во текот на претстојната зима доколку сакаат да го задржат економскиот притисок врз Русија и поддршката за Украина, предупреди британскиот советник за национална безбедност Џонатан Пауел.

Во ретко јавно обраќање на форумот „Јалта европска стратегија“ во Киев, Пауел оцени дека западната политика на санкции кон Москва и поддршка за Украина почнува да дава резултати и порача дека европските држави не треба да го намалуваат притисокот.

Според него, сè почестите предупредувања од Москва за можна ескалација не треба да се толкуваат како неуспех на западната стратегија.

„Ескалацијата за која слушаме не е проблем, туку знак на успех, бидејќи притисокот што го вршиме врз Путин конечно почнува да се исплаќа“, изјави Пауел.

Тој смета дека целта на западната политика е преку комбинација од воен, политички и економски притисок Кремљ да биде принуден на сериозни преговори за завршување на војната.

Но, истовремено предупреди дека Европа ја очекува тежок период. Европската унија значително ја намали зависноста од руските енергенси, но и натаму околу 12 проценти од увозот на гас доаѓа од Русија, во споредба со околу 45 проценти пред руската инвазија врз Украина во 2022 година.

Дополнителен проблем се пониските резерви на гас пред зимата. Европските складишта се пополнети значително помалку отколку во истиот период минатата година, додека глобалниот енергетски пазар е под дополнителен притисок поради војната со Иран. Европскиот ревизорски суд неодамна предупреди дека планот на ЕУ за целосно напуштање на руската нафта и гас се соочува со сериозни проблеми поради недоволни инвестиции во алтернативни извори и инфраструктура.

Пауел оцени дека евентуален раст на цените на енергијата може да го зголеми политичкиот притисок врз европските влади да ги ублажат санкциите или повторно да се свртат кон руски енергенси, но смета дека таквиот чекор би бил грешка.

„Не можеме да дозволиме оваа ситуација да се претвори во предност за Путин“, рече тој.

Британскиот советник изнесе и оценка дека Украина во политичка смисла „веќе победила“, бидејќи Русија, според него, повеќе не може да ја освои целата земја ниту да ѝ го одземе правото самостојно да ја определува својата иднина.

Сепак, состојбата на теренот останува тешка. Русија продолжува со нападите врз украинската енергетска и друга инфраструктура, додека Украина се соочува со недостиг од системи за противвоздушна одбрана и големи финансиски потреби. Во источниот регион Донецк продолжуваат и интензивните борби, без јасен пробив кон мировен договор.

Пауел истовремено порача дека комуникацијата со Москва мора да продолжи, и покрај неговите остри квалификации за Путин, за да се избегнат погрешни проценки и неконтролирана ескалација.

Според него, клучното прашање сега е колку долго Европа ќе може да го одржи економскиот, воениот и политичкиот притисок врз Москва во услови на потенцијално тешка зима и повисоки трошоци за енергија.