96 убиени и 303 мачени: Што утврди Хаг за Тачи и врвот на ОВК

Пресудата против Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи не се однесува на самата борба на ОВК за независност на Косово, туку на конкретен систем на незаконски апсења, затворања, мачења и убиства на луѓе кои биле означувани како противници или „соработници“. Судскиот совет во Хаг ги прогласи четворицата за кривично одговорни за четири категории воени злосторства.

Според првостепената пресуда, тие се одговорни за незаконско и произволно затворање на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, мачење на 303 лица и убиство на 96 лица. Бројките се однесуваат на поединечни категории на злосторства и не треба механички да се собираат како број на различни жртви, бидејќи едно лице можело да биде жртва на повеќе дела.

Кои биле жртвите?

Еден од најважните делови од пресудата е профилот на луѓето што биле цел на оваа политика.

Судот утврдил дека меѓу нив имало косовски Албанци поврзани со политички или воени структури кои биле конкуренти на ОВК, меѓу кои Демократскиот сојуз на Косово – ЛДК и ФАРК, лица осомничени дека соработуваат со југословенските или српските власти, како и припадници на малцинствата, вклучително Срби и Роми.

Клучниот заклучок на судот е дека, со ограничени исклучоци, немало докази оти жртвите во моментот на злосторствата учествувале во борби, извршиле кривично дело или претставувале легитимна безбедносна закана за ОВК.

Напротив, судиите оценија дека огромното мнозинство биле невини цивили, честопати без основа означени како „шпиони“ или „соработници“.

Како функционирал системот?

Според судот, заедничката цел подразбирала идентификување лица кои биле сметани за противници, нивно приведување и затворање во објекти на териториите контролирани од ОВК и, во определени случаи, нивно убивање.

Затворениците биле држени без судска постапка и без основни процесни права. Во дел од објектите, според наодите презентирани при изрекувањето на пресудата, биле тепани, држени во мали простории, изложувани на физичко и психичко малтретирање и оставани без доволно храна или медицинска помош.

Но пресудата не значи дека судот утврдил дека секој од четворицата лично извршил секое од 96-те убиства или секое мачење.

Судот ги осуди врз основа на нивниот значителен придонес кон заедничка криминална цел, а кај дел од обвинетите утврди и директно лично учество во конкретни настани.

Тачи – судот утврдил и лично учество

Најтешките индивидуални наоди се однесуваат на Хашим Тачи.

Како член на Главниот штаб и шеф на Политичката дирекција на ОВК, судот го означи како еден од клучните луѓе во формулирањето и спроведувањето на политиката за идентификување и неутрализирање на противниците.

Судскиот совет утврдил дека Тачи учествувал во создавање структури и правила за третман на наводните „соработници“, како и во јавни пораки со кои се толерирале или поттикнувале злосторства против противниците.

Но судот отишол и чекор понатаму – утврдил дека Тачи лично учествувал во апсењето, произволното затворање и испрашувањето на 13 парламентарци.

Утврдено е и негово лично учество во апсењето, затворањето, префрлањето и убиството на Бехајдин Алаќи.

Според судот, Тачи ширел и неточни информации за затворениците и жртвите, давал уверувања дека ОВК го почитува меѓународното хуманитарно право и придонесувал за атмосфера на неказнивост на припадници кои извршувале злосторства.

За него е изречена единствена казна од 25 години затвор.

Весели – разузнавањето ги идентификувало „соработниците“

Кадри Весели, кој раководел со разузнавачката структура на ОВК, е осуден на 18 години затвор.

Неговата улога, според судот, била директно поврзана со идентификување, следење и „неутрализирање“ лица осомничени дека се соработници.

Судиите утврдиле дека Весели лично учествувал во процесот на идентификување и таргетирање противници, од кои дел подоцна биле убиени. Особено значаен е заклучокот дека дел од таканаречените разузнавачки информации врз кои луѓето биле приведувани и убивани биле само непроверени гласини.

Селими – помала моќ, но кривична одговорност

Реџеп Селими доби најниска казна од четворицата – 13 години.

Судот прифатил дека како генерален инспектор на ОВК имал помала власт од останатите обвинети. Но како член на Главниот штаб, шеф на Оперативната дирекција и генерален инспектор, според пресудата, толерирал сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право наместо да обезбеди нивно спречување.

И кај него е утврдено конкретно учество во апсењето и затворањето на 13 парламентарци, како и други придонеси кон заедничката криминална цел.

Красниќи – говори и наредби што ги претворале „противниците“ во цели

Јакуп Красниќи е осуден на 25 години затвор.

Како член на Главниот штаб и Политичката дирекција, портпарол и заменик-командант на ОВК, судот го смета за еден од клучните луѓе во политиката на таргетирање противници.

Посебно се издвојуваат комуникеата, политичките изјави, говорите и наредбите.

Според судот, со нив се поттикнувале злосторства против лица означени како непријатели или „соработници“, а во определени изјави ОВК преземала одговорност за ликвидации и „казнени мерки“.

Зошто не се осудени за злосторства против човештвото?

Ова е една од најважните правни разлики во пресудата.

Обвинението содржеше шест точки за злосторства против човештвото – прогон, затворање, други нечовечки дела, тортура, убиство и присилно исчезнување – како и четири точки за воени злосторства.

Четворицата се ослободени од обвиненијата за злосторства против човештвото.

Тоа не значи дека судот утврдил дека немало убиства или тортура. Напротив, за тие дела ги прогласи за виновни како воени злосторства.

Разликата е во правниот праг: обвинителството, според судиите, не докажало надвор од разумно сомнение дека злосторствата биле дел од „широко распространет или систематски напад насочен против цивилното население“, што е неопходен елемент за квалификацијата злосторства против човештвото.

Ослободени се и за повеќе конкретни инциденти за кои судот оценил дека доказите не биле доволни.

Судот: Не судевме за ОВК, туку за конкретни злосторства

Претседавачкиот судија Чарлс Смит при изрекувањето на пресудата посебно нагласи дека предмет на судењето не била легитимноста на ОВК ниту целта за независност на Косово.

Предметот бил дали конкретни членови на ОВК користеле криминални средства против лица кои ги сметале за противници и дали четворицата обвинети биле кривично одговорни за нив. Судот истовремено нагласи дека ова судење не се занимавало со злосторствата што српските сили и паравоени формации ги извршиле врз косовските Албанци.

Пресудата е првостепена. Тачи доби 25 години затвор, Красниќи 25, Весели 18, а Селими 13 години, при што во казните се пресметува времето што веќе го поминале во притвор. Одбраната и обвинителството имаат право на жалба.

Процесот беше еден од најобемните пред Специјализираните совети: судот разгледал докази од 273 сведоци, прифатил 5.467 доказни предмети, а судскиот записник достигнал повеќе од 29.000 страници.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?