Кос бара Бугарите да влезат во Уставот за Македонија да продолжи кон ЕУ

Младиќ

Еврокомесарката за проширување Марта Кос повторно испрати директна порака до Скопје дека уставните измени со кои Бугарите треба да бидат внесени во Уставот остануваат услов Македонија да продолжи напред во пристапниот процес кон Европската Унија.

Во интервју за Бугарската национална телевизија, Кос беше прашана како Европската комисија може да влијае врз Македонија да ги направи уставните измени и со тоа да го одблокира процесот.

Таа одговори дека гледа можност процесот повторно да се придвижи и дека очекува соработка и од новата бугарска влада.

„Владата во Северна Македонија треба да го исполни своето ветување“, рече Кос, додавајќи дека измената на Уставот е договорена меѓу Македонија и сите 27 земји членки на ЕУ.

Кос порача дека откако уставните измени ќе бидат направени, очекува и поддршка од Бугарија за продолжување на процесот со Македонија.

Изјавата доаѓа во период кога Европската комисија најавува ново забрзување на политиката на проширување. Кос во истото интервју рече дека Црна Гора е најблиску до членство, додека за Албанија, Молдавија и Украина се подготвуваат патокази со можни технички чекори до крајот на мандатот на актуелната Европска комисија.

За Македонија, пак, главната пречка останува непроменета.

ЕУ ја започна отворачката фаза на пристапните преговори со Македонија во јули 2022 година, а процесот на скрининг беше завршен во декември 2023 година. Европската комисија наведува дека земјата треба да ги исполни условите утврдени во европските заклучоци од 2022 година за процесот да продолжи кон отворање на првиот кластер.

Европската комисија и претходно јавно посочуваше дека меѓу тие обврски се и уставните измени со кои во Уставот треба да бидат опфатени граѓани кои се дел од други народи, меѓу нив и Бугарите.

Прашањето останува политички блокирано во Скопје бидејќи за измена на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.

Кос во јули годинава престојуваше во Македонија, каде со претставниците на власта разговараше за пристапниот процес, реформската агенда и постепената интеграција во ЕУ. Европската комисија тогаш соопшти дека земјата дотогаш добила 142,1 милион евра преку Планот за раст за Западен Балкан.

Новата изјава на еврокомесарката покажува дека Брисел засега не најавува промена на условите за Македонија – внесувањето на Бугарите во Уставот останува чекорот што ЕУ го очекува пред натамошното придвижување на пристапниот процес.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?