Македонците во Бугарија жестоко и одговорија на претседателката Јотова

ОМО „Илинден“ – Пирин остро ги отфрли тврдењата на бугарската претседателка Илијана Јотова дека македонските организации во Бугарија не успеваат да се регистрираат затоа што при поднесувањето на барањата постојано им недостигаат документи.

Копретседателот на организацијата Стојко Стојков вели дека документацијата се поднесува според урнеци на веќе регистрирани здруженија, но дека бугарските институции при секој нов обид утврдуваат нови недостатоци.

„Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти“, изјави Стојков, додавајќи дека различни судови и различни судски инстанци даваат различни забелешки, а по нивното исполнување се појавуваат нови.

Реакцијата следува откако Јотова во Стразбур, по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе, изјави дека Бугарија ги спровела досегашните препораки во предметите поврзани со ОМО „Илинден“ и дека ја променила законската рамка за да овозможи регистрација.

Според Јотова, проблемот сега е во самите барања за регистрација.

„За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ“, изјави бугарската претседателка, изразувајќи надеж дека надзорот над предметите наскоро ќе заврши.

Стојков, пак, тврди дека станува збор за обид причината за неуспешните регистрации да се префрли врз македонските организации.

Тој вели дека Советот на Европа побарал да се обезбеди пример на документација од успешно регистрирани здруженија и дека ОМО „Илинден“ потоа се придржувала до тие насоки. Според него, и покрај тоа, во последните постапки биле утврдени бројни нови забелешки.

„Проблем е што нема такво нешто, сето го исполнуваме, но тие само си измислуваат. Треба да запрат да го нарушуваат законот и да нè регистрираат“, изјави Стојков за „Вечер“.

Дел од неговите забелешки имаат основа и во претходните оценки на Комитетот на министри на Советот на Европа. Во 2023 година Комитетот констатираше дека здруженијата поврзани со ОМО „Илинден“ и слични организации продолжуваат рутински да се соочуваат со одбивања и со „постојана појава на нови основи за одбивање“, иако нивната документација повеќепати била разгледувана.

Сепак, состојбата во меѓувреме се промени делумно.

Во септември 2025 година Комитетот на министри оцени дека не се потребни дополнителни посебни општи мерки во оваа група предмети, но побара од бугарските власти да продолжат да го следат ефектот од новите правила и секое ново барање за регистрација да биде разгледувано во согласност со член 11 од Европската конвенција за човекови права. Од самите здруженија било побарано да ги почитуваат новите упатства од јуни 2025 година.

Бугарија во официјалната комуникација до Советот на Европа навела дека две барања на ОМО „Илинден“ од јули 2025 година биле одбиени поради формални недостатоци во документите. Во една од постапките, по жалбата, бугарските судови навеле и дополнителни причини за одбивањето, меѓу кои недостатоци околу записникот од основачкото собрание, потписите и правилата за членство. Тоа е позицијата што Софија ја користи како доказ дека проблемот повеќе не е во целите на организацијата, туку во исполнувањето на формалните услови.

Но предметите сè уште не се целосно затворени.

Советот на Европа потврди дека на седницата на Комитетот на министри од 15 до 17 септември повторно се разгледуваат чекорите што Бугарија ги презела за извршување на пресудите во групата „Обединета македонска организација Илинден и други против Бугарија“. Во моментов повеќе од 160 пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права против Бугарија сè уште чекаат целосно извршување.

Основата на долгогодишниот спор се повеќе пресуди на Европскиот суд за човекови права во кои биле утврдени повреди на правото на слобода на здружување поради одбивањето на бугарските власти да регистрираат организации кои се залагаат за признавање на македонско малцинство во Бугарија.

Затоа спорот меѓу Јотова и ОМО „Илинден“ – Пирин сега се сведува на две спротивставени позиции. Софија тврди дека правната пречка е отстранета и дека остануваат формални недостатоци во барањата. Организацијата тврди дека формалните забелешки постојано се менуваат и практично продолжуваат да ја спречуваат регистрацијата.

Конечната оценка дали Бугарија доволно ги спровела пресудите не ја носат ниту Јотова ниту ОМО „Илинден“, туку Комитетот на министри на Советот на Европа, кој продолжува да го надгледува предметот.


Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?