Филипче за унгарскиот кредит под истрага: 100 милиони провизија, каде се парите?

СДСМ

Унгарскиот кредит под истрага повторно е во центарот на политичката и финансиската дебата, откако претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во четвртокот вечерта во „Само интервју“ на Канал 5 изнесе сомнеж за провизија од 100 милиони евра и побара отчет за стотици милиони евра наменети за општините и компаниите.

Сомнежите се дека провизијата за унгарскиот кредит е 100 милиони евра“, рече Филипче, поврзувајќи ја истрагата за работењето на унгарската државна Ексимбанк со промената на власта во Будимпешта.

Тој оцени дека без политичката промена во Унгарија можеби немало да се отвори истрагата за кредитот од една милијарда евра за Македонија. Филипче направи паралела и со Србија, сугерирајќи дека отворањето одредени истраги во регионот може да зависи од политичките промени.

Истрагата во Унгарија е потврден факт. Унгарската полиција истражува четири случаи поврзани со Ексимбанк поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно управување. Меѓу нив е и кредитот од една милијарда евра за Македонија, одобрен со каматна стапка од 3,25 проценти и целосна државна гаранција.

Истражителите заплениле илјадници страници документација од унгарското Министерство за економија. Сепак, во досега објавените информации од истрагата не се споменува провизија од 100 милиони евра. Износот што го наведе Филипче претставува сомнеж кој засега не е поткрепен со јавно достапни документи.

Лидерот на СДСМ го отвори и прашањето за реализацијата на средствата. Според него, од најавените 250 милиони евра за општински проекти досега биле потрошени и реализирани само 60 милиони евра.

Каде се другите 190 милиони евра? Каде се другите 250 милиони за фирмите?“, праша Филипче, тврдејќи дека токму распределбата и текот на парите се меѓу причините поради кои кредитот се истражува во Унгарија.

Претходните податоци објавени на Рацин.мк покажуваат дека кај овие суми мора да се прави разлика меѓу најавени, одобрени, префрлени, договорени, исплатени и целосно реализирани средства.

До средината на мај 2025 година, преку Македонската банка за поддршка на развојот кон деловните банки биле префрлени 125,8 милиони евра од пакетот од 250 милиони евра за компаниите. Само со една транша од 41,3 милиони евра биле опфатени 175 компании, меѓу кои 100 микро и мали, 57 средни и 18 големи.

Тоа покажува дека дел од средствата стигнале до банкарскиот систем, но не дава целосен одговор кои компании ги добиле парите, колкав дел од инвестициите е реализиран и какви економски резултати произлегле од кредитната линија.

Во истиот период задолженоста на домашните компании кај банките достигнала 4,05 милијарди евра, околу половина милијарда евра повеќе во споредба со претходната година. Кредитирањето на корпоративниот сектор во април 2025 година пораснало за 14,1 процент на годишно ниво, а унгарскиот кредит бил посочен како еден од факторите што ја поттикнале побарувачката.

Уште во април 2025 година Фатмир Битиќи тврдеше дека преку комерцијалните банки биле одобрени 83 милиони евра, но предупреди дека фирмите биле условувани паралелно да земаат и кредит од самата банка. Според него, мешањето на средствата и каматните стапки ја нарушувало економската логика на мерката, додека кај локалната самоуправа не се гледале очекуваните резултати.

Дополнителни прашања отвори и истражувањето на Центарот за граѓански комуникации. Според неговите наоди, од октомври 2024 година за општински инфраструктурни проекти биле одобрени 111,7 милиони евра преку шест министерства.

Оваа сума не е ист показател со 60-те милиони евра што Филипче ги наведува како потрошени и реализирани средства. Разликата меѓу одобрените и реализираните пари ја наметнува потребата од ажуриран пресек за секој проект, склучен договор и извршена исплата.

Центарот утврдил дека средствата не биле рамномерно распределени меѓу општините. Во предизборниот период тие ги зголемиле планираните капитални расходи на општините во просек за 92 проценти, нивните буџети за 37 проценти, а јавните набавки за 40 проценти.

Истражувањето покажало и дека во значаен дел од анализираните општини една или неколку фирми доминирале во договорите за јавни набавки. Недостигале јасни информации како ќе се исплаќаат фирмите во период од три години, додека роковите во голем дел од огласите завршувале во октомври 2025 година, во месецот кога се одржуваа локалните избори.

По отворањето на истрагата во Унгарија, СДСМ побара предмет да отвори и македонското Јавно обвинителство. Партијата бара да се проверат договорите, потеклото и текот на парите, евентуалните провизии и компаниите што добиле средства.

Филипче повторно го отвори и сомнежот дека парите можеби потекнуваат од кинески кредит што претходно го добила Унгарија. Таквата поврзаност досега не е официјално потврдена.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека не стравува од унгарската истрага и дека средствата биле потрошени транспарентно. Тој кредитот го опиша како дел од стратешкото партнерство со Унгарија, потврдено од владите и парламентите на двете држави.

Филипче очекува истрагата да се прошири и оцени дека за кусо време пред унгарските органи би можеле да бидат повикани и високи функционери од Владата на Мицкоски. Во јавно објавените информации за истрагата засега нема потврда дека се планирани такви повици.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?