Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, обвини дека политиката на премиерот Христијан Мицкоски ја оддалечува Македонија од Европската Унија и ги загрозува стратешките национални интереси на земјата.
На денешната прес-конференција Филипче оцени дека Владата намерно не ги презема потребните чекори за продолжување на европскиот пат и дека Македонија поради тоа останува на маргините на процесот на проширување.
„Се знае кој е патот. Намерно не се прават чекорите за да останеме слепо црево тука на Балканот. И тоа е неговата изолационистичка политика. И тоа е предавничката политика на Христијан Мицкоски. Затоа што се загрозени стратешките национални интереси“, рече Филипче.
Тој се осврна и на последното обраќање на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент во Стразбур, оценувајќи дека пораките за проширувањето покажуваат оти Македонија не е меѓу земјите за кои се подготвува конкретен пат кон членство.
Според Филипче, ЕУ подготвува појасен пат за Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, додека Македонија, како што рече, останува во групата со Косово и Босна и Херцеговина.
„За жал, ние не сме во таа група. Затоа што и претседателката Урсула фон дер Лајен и сите европски високи функционери добро знаат дека оваа влада не сака во Европа“, изјави Филипче.
Тој го обвини Мицкоски дека во јавноста создава впечаток дека води разговори за европскиот пат, додека, според него, во реалноста нема конкретен напредок.
Филипче предупреди и дека застојот во евроинтеграциите може да има последици врз идното финансирање на Македонија од Европската Унија.
„Сега кога се прави и новиот буџет на Европската Унија за следните седум години, нас ќе нè нема таму“, рече лидерот на СДСМ.
Според Филипче, продолжувањето на европскиот пат е прашање од стратешко значење за државата, а политиката што ја води актуелната власт, според неговата оценка, ја носи Македонија кон дополнителна изолација.

