Министерството за образование и наука го продолжи рокот за аплицирање на бруцошите за сместување во студентските домови, откако се покажа дека дел од студентите примени во вториот уписен рок немаат доволно време да го завршат уписот и да обезбедат потврда дека се редовни студенти.
Првично, пријавувањето за студентите кои годинава првпат се запишуваат на факултет требаше да заврши на 20 септември. Конкурсот за бруцошите започна на 14 септември, а за нив се резервирани 699 од вкупно 3.498 места во студентските домови низ Македонија.
Проблемот се појави кај кандидатите од вториот уписен рок. На дел од факултетите при УКИМ запишувањето на примените студенти е закажано за 21 септември, односно еден ден по првично утврдениот рок за студентските домови. Без завршен упис, тие не можат навреме да обезбедат потврда за редовен студент – еден од документите потребни при аплицирањето.
Токму поради тоа МОН го продолжи рокот, со цел и студентите кои ќе го завршат уписот во вториот уписен рок да можат да ја обезбедат потребната документација и рамноправно да конкурираат за сместување.
Пријавувањето се врши електронски преку порталот за е-услуги на Министерството, а студентот може да конкурира за прием во еден студентски дом.
За академската 2026/2027 година најголемиот дел од капацитетите се наменети за студентите од втора и повисоките години – 2.799 места, додека 699 легла се резервирани за бруцошите.
Конечните резултати за студентите од прва година треба да бидат објавени најдоцна до крајот на септември. Доколку по завршувањето на конкурсот останат слободни места, пријавувањето може да продолжи до пополнување на капацитетите, најдоцна до 30 ноември.

