Легендарните Deep Purple утре, 29 септември, од Софија ја започнуваат европската турнеја, а македонската публика нема долго да чека за својата средба со британските рокери, на 11 октомври бендот ќе настапи во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Првиот концерт од европскиот дел на турнејата ќе се одржи во „Arena 8888“ во Софија, со почеток во 20 часот. Бугарската публика ќе биде првата во Европа што во живо ќе го слушне материјалот од новиот албум „Splat!“, објавен летово.
По Софија, Deep Purple продолжуваат низ Европа со концерти во Клуж, Будимпешта, Братислава, Виена, Прага и Лоѓ, а на 10 октомври ќе настапат во Белград. Веќе следната вечер, на 11 октомври, турнејата пристигнува во Скопје.
Актуелната постава на Deep Purple ја сочинуваат Ијан Гилан, Роџер Гловер, Ијан Пејс, Дон Ејри и Сајмон Мекбрајд. Со нив на европската турнеја настапува и британскиот рок-бенд Jayler, кој е специјален гостин на серијата концерти.
Deep Purple зад себе имаат кариера подолга од пет децении и песни што одамна станаа дел од историјата на рок-музиката, меѓу кои „Smoke on the Water“, „Highway Star“, „Child in Time“ и „Perfect Strangers“.
Турнејата не е замислена само како потсетување на старите хитови. Бендот во 2026 година го објави новиот студиски албум „Splat!“, продолжувајќи да снима и да настапува со актуелната постава.
Европскиот дел од турнејата ќе опфати десетици арени низ континентот и Велика Британија. По Скопје, следуваат Атина, Цирих, Милано, Барселона, Мадрид, Париз и други европски градови, а серијата концерти треба да заврши на 25 ноември во лондонскиот „Royal Albert Hall“.
За македонските фанови, сепак, најважниот датум е 11 октомври, кога Deep Purple ќе застанат пред публиката во Скопје.

