Тони риби угинаа во акумулацијата Кашарај кај албанскиот град Љушња, откако водата беше испуштена за реконструкција на испусната порта. Големи делови од дното останаа покриени со кал, а рибите се заглавија во плитките делови со малку преостаната вода.
Снимките од местото покажуваат голем број угинати риби распрснати по дното на акумулацијата. Првично се појавија сомневања дека водостојот се намали поради суша, но според „Еуроњуз Албанија“, празнењето е поврзано со работите што ги планира Општина Љушња.
Лицето задолжено за управување со рибниот фонд, Или Кашари, кажа дека добил известување да преземе мерки пред празнењето, но немал каде да ги премести илјадниците риби.
„Ми рекоа да преземам мерки затоа што ќе ја испразнат акумулацијата. Но, каде да ги однесам илјадниците риби?“, праша тој.
Жителите алармираа за силната непријатна миризба од угинатата риба. На 30 септември започна акција за расчистување, во која се вклучија општинските служби, вооружените сили и надлежните за одводнување, со тешка механизација.
Според албанската агенција НОА, полицијата отвори истрага против управителот на компанијата што ја изведува реконструкцијата, поради сомневања за оштетување на живеалиштата и загадување на животната средина. Се испитува дали компанијата презела соодветни мерки при управувањето со водата во текот на работите.
Точната количина угината риба и вкупната еколошка штета сè уште не се утврдени. Останува да се разјасни и какви мерки за заштита или преместување на рибите беа преземени пред празнењето.

