Требало да биде само уште еден камен во градинарски ѕид. Наместо тоа, под слојот нечистотија се појавиле контурите на животно што живеело пред околу 240 милиони години, многу пред светот да изгледа онака како што го познаваме денес.
Приказната започнала во октомври 1996 година во Нов Јужен Велс, Австралија. Градинарот Дејвид Кинг градел потпорен ѕид во домот на Михаил Михаилидис, користејќи камења донесени од локален каменолом. Кога работата била завршена, Кинг ги измил камењата со вода. Под нечистотијата на еден од нив се појавила речиси целосна силуета на праисториско животно.
Откритието брзо стигнало до Австралискиот музеј. Палеонтолозите утврдиле дека станува збор за темноспондил, изумрена група водоземци кои живееле пред и во времето на диносаурусите. Фосилот бил толку необичен што бил изложен пред јавноста во Сиднеј.
Таму во 1997 година го видел и 12-годишниот Лаклан Харт, момче опседнато со палеонтологија и диносауруси. Фосилот му оставил толку силен впечаток што останал дел од неговите детски спомени.
Поминале повеќе од две децении.
Михаилидис во 2000 година го подарил фосилот на Австралискиот музеј, каде што со години бил внимателно чуван, но никој немал можност детално да го истражи и формално да го опише. А момчето кое го гледало на изложбата во меѓувреме пораснало и станало палеонтолог.
Околу 20 години по донирањето, токму Лаклан Харт добил можност да го проучува фосилот како дел од својот докторат. По деталните споредби со други праисториски водоземци, тој и неговите колеги утврдиле дека пред нив има дотогаш неопишан род и вид. Животното официјално го добило името Arenaerpeton supinatus.
Предатор долг повеќе од еден метар
Arenaerpeton живеел во слатководните реки на денешниот Сиднејски Басен во периодот тријас, пред околу 240 милиони години. Се проценува дека бил долг околу 1,2 до 1,5 метри и најверојатно ловел риби и друг воден плен. По изгледот на главата потсетувал на денешниот кинески џиновски саламандер, но бил покрупен и имал заби меѓу кои и пар изразени заби слични на песјаци на горниот дел од устата.
Она што го прави фосилот исклучителен не е само неговата старост. Зачуван е речиси целиот скелет, главата сè уште е поврзана со телото, а околу коските останале дури и траги од мекото ткиво и кожата. Ваквата зачуваност е исклучително ретка, а Австралискиот музеј го смета фосилот за едно од најзначајните палеонтолошки откритија во Нов Јужен Велс во последните децении.
Името исто така ја раскажува неговата приказна. Arena се однесува на песокот, erpeton на нешто што ползи, а supinatus значи дека лежи на грб – токму положбата во која животното останало зачувано во каменот.
Најубавиот дел од приказната не е стар 240 милиони години, туку само три децении: фосилот што случајно го открил еден градинар инспирирал 12-годишно момче кое години подоцна станало научникот што помогнал да му даде име.

