Обвинителството бара да се одбие гаранцијата од 195.820 евра за Дејан Јованов-Деко, судот денес одлучува и за нов притвор

Обвинителството бара судот да ја одбие гаранцијата од 195.820 евра што ја понуди Дејан Јованов-Деко, првообвинет во судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Неговиот едногодишен притвор во овој предмет истекува на 3 октомври, но паралелно е отворена нова истрага во која Обвинителството повторно бара тој да биде притворен.

Гаранцијата, во денарска противвредност од 12.042.932 денари, се состои од недвижен имот што одбраната предлага да биде ставен под хипотека. Обвинителскиот тим дал негативно мислење и побарал предлогот да биде одбиен како неоснован. Според Обвинителството, дел од понудениот имот веќе е предмет на извршување и не може да биде ставен под хипотека, додека дел се помошни и бесправно изградени објекти за кои се оценува дека тешко би можеле да бидат продадени по проценетата вредност.

Ситуацијата дополнително се усложни откако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори нова истрага против Јованов за сомнение за „давање поткуп“. Според Обвинителството, тој е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да обезбеди лиценца за угостителска дејност, иако не поднел барање и објектот не ги исполнувал законските услови. За ова дело е предвидена затворска казна од една до десет години.

Во новиот предмет обвинителот повторно побарал притвор, повикувајќи се на опасност од бегство и на фактот дека против Јованов веќе се води кривичната постапка за тешки дела против општата сигурност. Основниот кривичен суд Скопје треба да одлучува за ова барање.

Досегашниот притвор на Јованов во предметот „Пулс“ по сила на закон истекува на 3 октомври, по една година. Одбраната претходно тврдеше дека гаранцијата треба да обезбеди тој да остане достапен на судот и да продолжи да се брани од слобода. Сега, сепак, пред судот практично се отвораат две одделни прашања – дали ќе ја прифати понудената гаранција во предметот „Пулс“ и дали ќе определи нов притвор во новоотворената истрага за поткуп.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?