Фон дер Лајен: Македонскиот јазик и идентитет се добредојдени во ЕУ, Преспа беше чин на политичка храброст

„Вие припаѓате на масата во Европската Унија“ – со оваа порака претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска од Скопје ја потврди европската перспектива на Македонија. Во нејзините пораки посебно место добија македонскиот јазик и идентитет, но и Преспанскиот договор, кој таа го посочи како пример за политичка храброст. Истовремено, порача дека пред земјата останува клучен чекор за отворање на првиот преговарачки кластер.

„Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата“, порача Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски. Со тоа таа уште еднаш ја повтори позицијата што ја изнесе и пред македонското Собрание во 2022 година, кога порача дека за ЕУ македонскиот јазик е македонски јазик, без дополнителни квалификации.

Фон дер Лајен се наврати и на Преспанскиот договор, оценувајќи го како момент на вистинска политичка храброст. Според неа, Македонија и Грција тогаш успеале да свртат нова страница и да отворат ново поглавје во односите. Договорот го отвори патот за членството на земјата во НАТО, каде Македонија денес е полноправна членка.

Пратениците на ВМРО ДПМНЕ покрај ѕидот за Преспанскиот договор фото:сдк.мк

Но, претседателката на Европската комисија беше јасна и за следниот чекор. Македонија ги започна пристапните преговори во 2022 година и го заврши скринингот, а за да продолжи кон отворање на кластерот „Основи“ треба да се исполни обврската преземена во преговарачката рамка – уставните измени со кои, меѓу другите заедници, Бугарите треба да бидат внесени во Уставот. Фон дер Лајен нагласи дека е свесна за чувствителноста на прашањето, но оцени дека ако оваа пречка се надмине, земјата може брзо да напредува во процесот.

Мицкоски, од своја страна, ја потврди европската определба на Македонија.

„Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел“, порача премиерот.

По, разговорот со Фон дер Лајен, тој најави и конкретен следен чекор министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да иницира нов разговор со бугарската страна, со очекување и ЕУ да помогне во процесот.

Дел од разговорите беше и Планот за раст за Западен Балкан. Фон дер Лајен го оцени досегашниот реформски напредок на Македонија како значителен и посочи дека земјата веќе добила околу 140 милиони евра, а најави и дополнителни средства во следниот период. Европските пари од овој инструмент се директно поврзани со исполнувањето на реформските чекори што државата ги презела во својата Реформска агенда.

Фон дер Лајен ја нагласи и безбедносната соработка со Македонија, потсетувајќи дека земјата беше првата од регионот што склучи Партнерство за безбедност и одбрана со Европската Унија, како и на усогласеноста со европската надворешна политика и поддршката за Украина.

Денешната средба не ја отстрани пречката што го држи македонскиот преговарачки процес во место, но јасно ги постави позициите. Фон дер Лајен порача дека Македонија има место во ЕУ, дека таму се добредојдени и нејзиниот јазик и идентитет и дека по исполнувањето на преостанатиот услов процесот може брзо да продолжи. Мицкоски, пак, повтори дека членството во ЕУ останува стратешка цел, но бара европскиот пат да биде предвидлив и исполнувањето на договорените обврски да не биде проследено со нови билатерални услови.

А токму споменувањето на Преспанскиот договор ѝ даде дополнителна тежина на посетата. Пораката на Фон дер Лајен беше дека Македонија веќе покажала дека е способна за тешки политички одлуки кога тие отвораат стратешки пат напред. Прашањето што останува по нејзината посета е дали овојпат Скопје, Софија и Брисел ќе успеат да најдат решение што ќе го придвижи процесот од политички пораки кон отворање на првиот кластер.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?