Комесарот на Одделот за затвори во Тенеси, Френк Страда, ќе се повлече од функцијата по неуспешната егзекуција на Криста Пајк, која преживеа две дози пентобарбитал и заврши во болница во критична состојба.
Гувернерот на Тенеси, Бил Ли, во саботата соопшти дека Страда ќе ја напушти функцијата во текот на октомври. Неговото заминување е првата поголема кадровска промена по случајот што повторно го отвори прашањето за начинот на кој американската сојузна држава ги спроведува смртните казни.
Пајк беше подложена на смртоносна инјекција во средата. Во текот на постапката ѝ биле дадени две дози пентобарбитал, но таа продолжила да дише и повеќе од еден час по почетокот на егзекуцијата покажувала знаци на живот.
По прекинувањето на постапката била пренесена во болница. Нејзините адвокати соопштија дека останала без свест и на респиратор, со сериозни повреди на двете раце.
Според нејзиниот правен тим, една од можните причини за неуспешната егзекуција е неправилното поставување на интравенските линии, поради што лекот можеби бил внесен во ткивото наместо директно во крвотокот. Официјалната причина сè уште не е утврдена.
Гувернерот Ли нареди независна истрага за постапката и ги суспендираше останатите егзекуции во Тенеси до завршувањето на проверката.
Случајот е втор неуспешен обид за егзекуција во Тенеси за неколку месеци и повторно го стави затворскиот систем под притисок. Дел од пратениците претходно побараа промени во раководството на Одделот за затвори.
Пајк, која денес има 50 години, беше осудена на смрт за убиството на 19-годишната Колин Слемер во 1995 година. Таа го сторила злосторството кога имала 18 години.
Нејзините адвокати сега бараат гувернерот да ја замени смртната казна со друга казна, тврдејќи дека повторен обид за егзекуција по случувањата во средата би отворил нови уставни и хуманитарни прашања.
Засега нема одлука дали Тенеси повторно ќе се обиде да ја изврши смртната казна над Пајк.

