СДСМ го повика премиерот Христијан Мицкоски да објасни зошто е незадоволен од пораките на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, откако таа во Скопје повтори дека Македонија е добредојдена во ЕУ со својот идентитет и јазик.
Од СДСМ велат дека Фон дер Лајен јасно го повторила условот за продолжување на европскиот процес – уставните измени – но истовремено дала уверување дека македонскиот идентитет и јазик се зачувани.
Партијата оценува дека со тоа се урива еден од главните аргументи со кои Мицкоски досега го критикувал европскиот договорен пакет и претходната власт.
Од СДСМ потсетуваат и на ставовите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за Преспанскиот договор, според кои македонскиот јазик, култура и идентитет се заштитени.
Во соопштението се наведува дека Мицкоски повеќе од две години најавувал подобри услови за продолжување на преговорите, но дека, според СДСМ, досега нема нова преговарачка рамка ниту дополнителни гаранции.
„СДСМ го зборуваше ова пред изборите. Сега му го кажа и Фон дер Лајен во лице“, се наведува во партиската реакција.
Од СДСМ повторно го обвинуваат премиерот дека со одложувањето на следниот чекор ја задржува Македонија надвор од европскиот процес и дека членството во ЕУ останува клучен национален интерес.
Партијата поставува и прашање дали евентуални предвремени избори би се користеле како начин за дополнително одложување на одлуката за уставните измени.

