Од навредите кон Блаже Конески и оспорувањето на неговото јазично наследство, преку поклонувањето пред Тодор Александров и фотографијата со Љупчо Георгиевски, претседател на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, до знамето од Кутлеш на врвот на Олимп – политичката биографија на Антонио Милошоски открива еден препознатлив стил: идентитетот како средство за манипулација согласно на околностите, често испратен преку симболична и провокативна акција. Но, и прилично нејасна, можеби така намерно поставена, позиција за сопствениот национален идентитет.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Денес Антонио Милошоски е еден од најгласните политичари на ВМРО-ДПМНЕ кога станува збор за македонскиот јазик, идентитет и историја. Неговите настапи во последните години се речиси редовно поврзани со спротивставување на бугарските историски тези, критика на условите поврзани со уставните измени и предупредувања од „бугаризација“.
Но, политичката биографија на Милошоски има неколку сосема поинакви поглавја.
Во неа се запишани остри навреди кон Блаже Конески, јазични ставови кои биле толкувани како оспорување на неговото наследство, јавни настапи поврзани со историски личности кои денес се едни од најконтроверзните точки во македонско-бугарскиот спор, како и симболички потези кон Грција кои официјална Атина ги оцени како провокација.
Токму во таа противречност се наоѓа интересниот политички профил на Милошоски.
Конески како „џуџе“, азбуката како „караџица“
Една од најтешките траги од неговата рана политичка активност е односот кон Блаже Конески.
Милошоски го нарекуваше Блаже Конески „џуџето од Небрегово“, „шеќерен џелат“ и „безрбетниот академик“. Македонската азбука ја нарекувал „караџица“, односно ја поврзувал со влијанието на Вук Караџиќ.
Токму затоа е тешко денешната политичка реторика за заштита на македонскиот јазик да се разгледува без потсетување на овие ставови.
Конески не е само еден од најзначајните македонски филолози. Тој е клучната фигура во кодификацијата на современиот македонски литературен јазик. Оттука, омаловажувањето на Конески не е обична политичка караница со една историска личност. Тоа неминовно ја отвора и пошироката тема за односот кон самата кодификација на јазикот.
Тоа во кариерата на Милошоски е доволно присутна во јавниот простор за да стане дел од неговата политичка биографија.
И тука се појавува една од најголемите контрадикции.
Човекот кој денес настапува како жесток бранител на македонскиот јазик, во својата рана политичка фаза бил запаметен токму по напади врз човекот кој е најсилно поврзан со неговата кодификација.
И тоа не е сѐ.
Тодор Александров – од „велик херој“ до денешната борба против бугаризацијата
Уште поконкретен е случајот со Тодор Александров.
Постои видео од настап на Милошоски на гробот на Александров во Пирин Планина од 2004 година. Во него тој зборува со поинаков речник од оној што денес го користи кога зборува за бугарските историски позиции.
„Најголемата надеж ми е дека еден ден, овде освен знамиња на Република Б’лгарија ќе видам и заеднички знамиња на Б’лгарија и на Македонија“, вели Милошоски во снимката.
Потоа го нарекува Александров „велик херој“ кој „животот го даде за слободата на поробена Македонија“, а додава и дека во Македонија тој „го добива заслуженото место во македонската историја“.
Тоа не е само присуство на панихида. Милошоски во својот тогашен говор повикува на заедничко македонско-бугарско чествување на Тодор Александров.
Денес, 22 години подоцна, Милошоски е меѓу политичарите кои најгласно се спротивставуваат на бугарските интерпретации на македонската историја.
Токму затоа снимката од 2004 година е важна. Не затоа што сама по себе докажува некаква политичка припадност или идеолошка определба, туку затоа што покажува како самиот Милошоски тогаш го разбирал историското наследство на Александров.
И токму тука е контрадикцијата која не може да се избрише со денешната политичка реторика.
Ванчо Михајлов и фотографијата што остана
Втората историска фигура е Ванчо Михајлов.
Кога во 2022 година во Битола беше отворен бугарскиот клуб што го носеше неговото име, јавноста повторно се подели околу прашањето за историското наследство на Михајлов.
Во тој контекст се појави и фотографија на Милошоски со Љупчо Георгиевски, тогашен претседател на клубот „Ванчо Михајлов“. Фотографијата ја објави „Независен весник“, кој истовремено пишуваше дека Георгиевски и други основачи на клубот претходно биле членови на ВМРО-ДПМНЕ, што од битолската партиска организација не било негирано.

Ова е релевантна епизода во профилот на Милошоски затоа што доаѓа во период кога тој веќе се позиционирал како еден од најгласните противници на бугарските историски тези.
Особено затоа што самиот Михајлов е една од најспорните личности во современиот македонско-бугарски историски спор. Во судскиот процес против поранешниот претседател на битолскиот клуб, Љупчо Георгиевски, беа презентирани и негови текстови во кои директно се негираат постоењето на македонската нација и јазик.
Ова го наметнува прашањето како во различни периоди Милошоски ги поставувал границите меѓу македонската и бугарската историска интерпретација.
Согласно околностите и неговите проценки.
Но има едно сеќавање на еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски од 2017 година, кое прилично јасно ја нијансира сликата кога станува збор за Милошоски и овде ќе го цитираме во целост:
Кога зборуваме за договорот со Бугарија јасно мораме да кажеме дека ако не беше моронската политика на Владата на ВМРО-ДПМНЕ према истата држава, воопшто немаше ни да има потреба за таков договор. Како што да не беше антиквизацијата веќе одамна со ФИРОМ ќе бевме во НАТО.
Читајќи ја најновата дпмнеовска хистерија против договорот за добрососедство не можам да се изначудам каков историски анафалбитизам постои во раководството на оваа партија.
Колку силна пројугословенска идеологија ја има заробено мојата бивша партија? Колку лицемерие демонстрираат одредени луѓе?
Антонио Милошоски фронтменот на оваа операција заборавил ли дека во првото ВМРО неговата единствена вредност беше што се декларираше за чист Бугарин.
ВМРО-ДПМНЕ се претвора во комплетна идеолошка карикатура.
Олимп: политиката преку провокација
Најјасниот пример за неговиот стил на симболичко политичко дејствување доаѓа од Грција.
Во септември 2014 година, тогаш како потпретседател на Собранието на Македонија, Милошоски се искачи на Митикас, највисокиот врв на Олимп, и таму се фотографираше со знамето со шеснаесеткракото сонце од Кутлеш.
Уште поважно, тој самиот објаснил дека знамето го носел со себе и дека на врвот биле развиени и македонското државно знаме и знамето со сонцето од Кутлеш.
Грчкото Министерство за надворешни работи реагираше остро и потегот го нарече провокација, поврзувајќи го со иредентизмот и со обврските од Привремената спогодба од 1995 година.
Тоа е типичен пример за политичка порака која функционира на две нивоа.
Во Македонија – како демонстрација на национален пркос.
Во Грција – како провокација.
И токму затоа случајот со Олимп е важен за разбирање на политичкиот стил на Милошоски. Тој не се потпира само на говорница, декларација или парламентарна расправа. Понекогаш политичката порака ја претвора во слика, симбол и гест, знаејќи дека токму таквата слика ќе произведе политичка реакција.
Но проблемот е што тие реакции се во полза на неговата лична кауза, а на штета на македонските национални интереси.
Од идентитет до политички бренд
Кога ќе се наредат овие епизоди една до друга, се добива поинтересна слика од едноставното тврдење дека Милошоски е „контроверзен политичар“.
Во младоста – остар однос кон Конески и ставови за јазикот кои денес тешко би се вклопиле во неговата сегашна политичка реторика.
Во 2004 година – говор пред гробот на Тодор Александров со повик за заедничко македонско-бугарско чествување.
Во 2014 година – знамето од Кутлеш на врвот на Олимп, со што предизвика официјална реакција од Атина.
Во 2022 година – фотографија со претседателот на контроверзниот бугарски клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола.
А потоа – Милошоски како еден од најгласните политички противници на бугарските услови и на она што неговата партија го нарекува опасност од „бугаризација“.
Овие епизоди не мора да се објаснуваат со една етикета.
Но можат да се читаат како политички опортунизам во која неговиот личен идентитет, е во судир со македонскиот.
Од Конески до Александров, од Михајлов до Кутлеш, заедничката нишка не е еднаквоста на историските личности или настани.
Заедничкиот елемент е начинот на кој Милошоски ја користи историјата и националните симболи и наративи: понекогаш како тема за политичка борба, но најчесто како израз за лична промоција со намерно остар симбол кој знае дека ќе предизвика реакција.
И можеби токму затоа неговата политичка биографија е повпечатлива од вообичаениот партиски портрет. Зашто човекот кој денес се претставува како чувар на македонскиот идентитет, во сопственото политичко минато има траги кои отвораат едно непријатно прашање: Дали ставовите за идентитетот кај Милошоски се непроменлива идеолошка позиција со политички јазик што со текот на годините се сообразувал со сопствените проценки кога ќе му бидат од полза?

