Вакцинацијата со БСЖ во Македонија привремено се одложува додека надлежните не ги добијат сите информации за сериите на вакцината, нивниот квалитет и евентуалната поврзаност со несакани реакции.
Одлуката ја донесе Комисијата за имунизација откако во Хрватска беше запрена употребата на БСЖ вакцина од истиот бугарски производител што се користи и во Македонија.
Македонија ја користи вакцината на производителот Bul Bio NCIPD од Бугарија, а по информациите од Хрватска Комисијата побарала од МАЛМЕД детални податоци за сериите што се користат во земјава.
Од Министерството за здравство информираат дека имунизацијата ќе биде одложена до добивање комплетни информации за квалитетот на сериите и за евентуалната поврзаност со несакани реакции.
Во Хрватска употребата на вакцината беше запрена како мерка на претпазливост по пријавени сомнежи за остеитис и остеомиелитис кај неколку мали деца. Хрватските здравствени власти засега немаат потврдено дека причината е проблем со квалитетот на вакцината и проверките продолжуваат.
Според податоците на Комисијата за имунизација, во Македонија во последните десет години до МАЛМЕД била пријавена една сомнителна несакана реакција од БСЖ вакцина – апсцес на местото на апликација во 2022 година, реакција која е наведена и во упатството за вакцината.
БСЖ вакцинацијата останува дел од задолжителната имунизација поради заштитата од туберкулоза. Кај новороденчињата вообичаено се дава пред отпуштање од родилиште, а децата кои не ја примиле тогаш може да бидат вакцинирани подоцна согласно календарот за имунизација.
Засега нема информација колку долго ќе трае паузата. Продолжувањето на вакцинацијата ќе зависи од проверките на сериите и проценката на надлежните здравствени институции.

