Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на правилата за боледување. Најважното појаснување е дека боледувањето не се ограничува на пет дена и пациентот нема автоматски да мора да се врати на работа по петтиот ден.
Измената од седум на пет дена се однесува на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување без примена на дополнителните медицински критериуми предвидени за конкретната дијагноза.
Доколку здравствената состојба бара подолго отсуство, боледувањето продолжува според медицинските критериуми.
Матичниот лекар и натаму ќе може да утврди привремена спреченост за работа до 15 дена. За боледување подолго од 15 дена ќе одлучува лекарска комисија на Фондот.
Со измените се воведуваат и повеќе административни олеснувања. Кај дел од дијагнозите нема да биде задолжително дополнително лабораториско испитување, туку проценката ќе може да ја направи матичниот лекар.
По 15-тиот ден документацијата до лекарската комисија ќе се доставува електронски, со што треба да се намали потребата пациентите физички да носат документи низ здравствениот систем.
Се прошируваат и случаите кога боледување може да се утврди без физичко присуство на пациентот. Тоа ќе важи за тешко болни, неподвижни и тешко подвижни лица, пациенти на болничко лекување и други оправдани случаи.
За пациентите со хронични заболувања ќе може да се користат постојните медицински наоди доколку сè уште се важечки, без непотребно повторување на истите испитувања.
Измените предвидуваат и попрецизни правила за ретроактивно отворање боледување во оправдани случаи, како и олеснувања за бремени жени и доилки кога станува збор за испитувања со јонизирачко зрачење.
ФЗО објаснува дека целта е да се осовременат критериумите кои во значителен дел потекнуваат од 2012 година и истовремено да се намалат административните обврски за пациентите и лекарите.
Оттаму нагласуваат дека најчестата дилема што се појави во јавноста – дека отсега боледувањето ќе трае најмногу пет дена – не е точна.
Пет дена се новата граница до која боледувањето може да се отвори без примена на дополнителните медицински критериуми, а не максималното времетраење на боледувањето.

