Литванија отвора врата за нуклеарно оружје, Москва предупредува на ескалација

Литванија го направи првиот чекор кон укинување на уставната забрана за нуклеарно оружје на своја територија. Парламентот во Вилнус со големо мнозинство го поддржа бришењето на членот од Уставот кој забранува оружје за масовно уништување и странски воени бази.

За измената да стапи во сила е потребно уште едно гласање со двотретинско мнозинство.

Одлуката не значи дека нуклеарно оружје веднаш ќе биде распоредено во Литванија. Властите во Вилнус нагласуваат дека во моментов нема таков конкретен план, туку дека целта е државата да не биде уставно ограничена доколку безбедносната ситуација во регионот дополнително се влоши.

Литванија се граничи со Белорусија и со руската енклава Калининград и е една од членките на НАТО кои најсилно бараат зајакнување на источната граница на Алијансата по руската инвазија врз Украина.

Во земјата веќе има сојузнички сили, а Германија го засилува своето воено присуство.

Москва веднаш реагираше на потегот.

Кремљ предупреди дека укинувањето на забраната за нуклеарно оружје и дополнителното ширење на воената инфраструктура на НАТО во регионот може да доведат до ново зголемување на тензиите.

Од руска страна се оценува дека евентуалното приближување на нуклеарна инфраструктура до руските граници би било дополнителен безбедносен ризик.

Литванските власти, пак, иницијативата ја објаснуваат со целосно променетата безбедносна средина во Европа и со потребата земјата да има поголема слобода во одбранбеното планирање со сојузниците.

И по евентуалната измена на Уставот, Литванија останува членка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

Затоа гласањето не значи дека Литванија станува нуклеарна држава, ниту дека веќе е донесена одлука за стационирање американско или друго сојузничко нуклеарно оружје.

Но ако измената го помине и второто гласање, ќе исчезне правната пречка која досега ја исклучуваше таквата можност.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?