Виш јавен обвинител од Битола е приведен поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание, а во неговиот дом и во службените простории биле извршени претреси.
Од Јавното обвинителство потврдија дека постојат основи на сомнение дека обвинителот сторил кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, од член 359 став 3 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Претресите биле извршени по наредби обезбедени од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Виш јавен обвинител од Битола е осомничен дека ја користел својата функција и влијание за да ургира кај свои колеги во најмалку четири предмети.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поведе постапка против обвинителот поради сомнение за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.
Во текот на предистражната постапка биле применувани посебни истражни мерки, со кои биле обезбедени докази што упатуваат на сомнение дека обвинителот во најмалку четири различни предмети ургирал кај свои колеги обвинители и судии за носење одлуки во корист на осомничени или обвинети лица.
Во дел од случаите влијанието се однесувало на изрекување пониски казни или на донесување други одлуки со кои осомничените или обвинетите би биле ставени во поповолна положба.
Вишиот јавен обвинител беше приведен, а по судска наредба беа извршени претреси во неговиот дом и во службените простории на Вишото јавно обвинителство во Битола.
За осомничениот се предложени мерки на претпазливост – привремено одземање на патната исправа и забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно отстранување од работното место додека трае постапката.
Обвинителството засега не го соопштува името на осомничениот.
Првичните информации го поврзуваа случајот со постапувањето околу враќањето на пасошот на битолскиот бизнисмен Борче Марковски.
Во јуни обвинител од Основното јавно обвинителство Струга дал негативно мислење на барањето на одбраната на Марковски да му биде вратена патната исправа. По ново барање, предметот стигнал до Вишото јавно обвинителство во Битола, од каде било побарано позитивно мислење за враќање на пасошот.
Како аргументи биле наведени гаранцијата со која требало да се отстрани опасноста од бегство, како и потребата Марковски да отпатува во Србија поради деловни обврски во компанија што ја поседува таму.
Марковски потоа го добил пасошот и на 29 јули заминал во Србија. За неговото обезбедување претходно била приложена гаранција вредна повеќе од пет милиони евра.
На Марковски и на уште неколку лица им се суди за злоупотреби поврзани со јавна набавка за РЕК „Битола“, вредна повеќе од 1,7 милиони евра.
Новите информации покажуваат дека сомневањата не се ограничени само на еден предмет, туку се однесуваат на постапувањето на вишиот обвинител во најмалку четири случаи.

