Премиерот Христијан Мицкоски очекува економскиот раст годинава да изнесува меѓу 3,5 и 4 отсто, а Македонија да има една од најниските стапки на инфлација во регионот и Европа.
Одговарајќи на новинарско прашање за средбата со претставници на Светска банка и нивните најнови проценки за македонската економија, Мицкоски рече дека прогнозата за раст во текот на годината била ревидирана нагоре.
„Ја започнавме годината со 2,6 проценти раст на бруто-домашниот производ, па потоа се нивелираше на 2,9 проценти, за вчера да излезе на 3,2 проценти“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека економскиот раст на крајот на годината ќе биде повисок од прогнозата на Светска банка и ќе се движи меѓу 3,5 и 4 отсто.
Како основа за очекувањата ги посочи податоците за првото полугодие, кога, според него, просечниот раст изнесувал 3,7 отсто, со раст од 3,1 отсто во првиот и 4,3 отсто во вториот квартал.
Мицкоски очекува Македонија да биде и меѓу земјите со најниска инфлација во регионот и Европа, како и меѓу петте земји со највисок економски раст.
„Очекувам да бидеме земја која ќе има, ако не најниска, тогаш меѓу најниските две-три инфлации во регионот и во Европа“, рече премиерот.

