Филипче: Државните акции од фирмите како Лотарија ќе се поделат кај сите полнолетни граѓани

Државните акции од големи компании како Лотарија да преминат во рацете на граѓаните и семејствата најави Филипче при гостување на телевизија Шења. Тој го претстави предлогот како дел од мастер-планот за државата, со кој граѓаните би станале акционери и би можеле да ги остават акциите на своите деца и внуци.

Филипче рече дека оваа идеја првпат ја соопштува во емисијата. Како пример ја посочи Лотарија, за која наведе дека е во целосна државна сопственост.

„Тие државни акции ќе одат во рацете на граѓаните, односно на семејствата“, рече Филипче.

Според него, со ваквата поделба би се ублажиле последиците од приватизацијата во деведесеттите години, која ја оцени како неправедна. Истовремено, граѓаните би добиле сопственички удел во државна компанија што, како што рече, добро работи.

„Нека бидат граѓаните акционери. Да си имаат акција од државна компанија која ќе можат да им ја остават на своите деца и внуци“, порача тој.

Во тој контекст, Филипче изнесе обвинувања за нетранспарентно и несоодветно трошење пари, спомнувајќи пет милиони евра за концерти. Таквото постапување го опиша како „пљачкање“ на компанијата.

Покрај предлогот за поделба на акциите, Филипче ги наведе и другите точки од мастер-планот. Како прв приоритет ја посочи Европа, а потоа специјален антикорупциски закон што би предвидувал и конфискација на имот, ветинг на функционерите и воведување прогресивен данок.

За ветингот нагласи дека не треба да ги опфати само сегашните функционери. Најави дека проверките би започнале од него и од неговите соработници.

„Од нас ќе почнеме, од мене прв“, рече Филипче.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?