Цветаноски: Втор ребаланс за два месеци, нема пари за плати и пензии

Вториот ребаланс на Буџетот за само два месеци е последица на недостиг од средства за плати, пензии и тековни обврски до крајот на годината, тврди членката на Извршниот одбор на СДСМ, Симона Цветаноски. Владата ги отфрла ваквите тврдења и уверува дека нема проблем со ликвидноста на Буџетот.

Цветаноски на прес-конференција рече дека планираниот буџетски дефицит веќе е потрошен и дека новиот ребаланс е последица на пониските приходи во државната каса.

„Целиот планиран дефицит е веќе потрошен, нема пари за плати и пензии и тековни трошоци до крајот на годината. Затоа нов ребаланс. Втор само два месеци после последниот ребаланс“, рече Цветаноски.

Од СДСМ тврдат дека буџетскиот дефицит ќе надмине 900 милиони евра и дека Владата ќе мора дополнително да се задолжува за финансирање на тековните обврски.

Цветаноски посочи на најавеното задолжување од 250 милиони евра за буџетски потреби до крајот на годината, како и на идното задолжување од 1,3 милијарди евра.

Според неа, средствата не се користат за развојни проекти и нови инвестиции, туку за покривање на недостигот во Буџетот.

Од СДСМ тврдат и дека јавниот долг, заедно со обврските на јавните претпријатија и ЈПДП, надминува 63 проценти од БДП, а расходите за камати значително се зголемиле во последните години.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, пак, денеска ги отфрли тврдењата дека вториот ребаланс е последица на проблеми со ликвидноста.

Според неа, ребалансот е потребен поради променетите економски услови и растот на цените на енергенсите, како и поради владините мерки за намалување на акцизите и ДДВ за горивата.

Со ребалансот, вкупните приходи се планирани на 374,2 милијарди денари, што е за околу 5,3 милијарди денари помалку од претходната проекција.

Најголемата корекција е кај приходите од акцизи, кои се намалуваат од 34,1 на 30,4 милијарди денари. Буџетскиот дефицит, според Министерството за финансии, останува на 46,3 милијарди денари.

Димитриеска-Кочоска уверува дека редовната исплата на обврските не е доведена во прашање и дека ребалансот треба да обезбеди стабилно функционирање на Буџетот до крајот на годината

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?