Апаратите за компјутерска томографија (КТ) на Универзитетскиот институт за радиологија се во дефект и во тек е нивно сервисирање, информираат од Министерството за здравство. Од почетокот на оваа недела е направена реорганизација за итните и редовните пациенти да не останат без потребната дијагностика.
Додека апаратите повторно не се стават во функција, снимањата ќе се вршат во ГОБ „8-ми Септември“ и во Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (Стара градска болница) во Скопје.
Распоред и расподелба на термините:
За обезбедување континуирана здравствена заштита, прегледите ќе се одвиваат според следната временска динамика:
- ЈЗУ ГОБ „8-ми Септември“ (оддел за дијагностичка и интервентна радиологија):
- од 08:00 до 14:00 часот
- од 20:00 до 02:00 часот
- ЈЗУ Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ – Скопје:
- од 14:00 до 20:00 часот
- од 02:00 до 08:00 часот
Оваа организација е времена и ќе важи сè до целосно отстранување на дефектите на Институтот за радиологија. Од Министерството апелираат пациентите и матичните лекари доследно да ја почитуваат утврдената саатница и додаваат дека се прават напори за обезбедување дополнителни термини и во други јавни здравствени установи.
„Апелираме оваа тема да не се користи за дневнополитички цели, особено што овој сегмент во системот е веќе реорганизиран и пациентите ја добиваат потребната здравствена услуга“, порачуваат од Министерството за здравство.

