Информативна сесија за новиот ЕУ повик за поддршка на младите во Кочанскиот регион

На 15 октомври 2026 г.во Хотел Амор, Кочани, од 11:00 часот, локалните граѓански организации ќе можат да дознаат како да аплицираат за директна поддршка на акции насочени кон дигитални вештини, писменост за вештачка интелигенција, економско зајакнување и претприемништво на младите.

На 15 октомври 2026 година, со почеток во 11:00 часот, во Хотел Амор во Кочани ќе се одржи информативна сесија за новиот ЕУ повик „Поддршка на младите луѓе за економско зајакнување и претприемништво во Кочанскиот регион“. Локалните граѓански организации кои дејствуваат во Кочанскиот регион ќе имаат можност да дознаат повеќе за условите за аплицирање и да добијат практични насоки за подготовка на своите предлог-проекти.

Информативната сесија е наменета за локалните граѓански организации од Кочанскиот регион – општините Кочани, Чешиново-Облешево, Зрновци и Виница. Учесниците ќе се запознаат со приоритетите на повикот, условите и начинот на аплицирање, како и со практичните чекори за подготовка и поднесување на предлог-проектите. На сесијата ќе бидат претставени Насоките за апликантите, Формуларот за апликација и Образецот за буџет, а организациите ќе имаат можност да постават прашања и да добијат дополнителни појаснувања во врска со подготовката на апликациите.

За учество на информативната сесија, потребно е да се пријавите на crm-helpdesk@eu4cr.mk најдоцна до 14 октомври 2026 година, до 17:00 часот.

Повикот е насочен кон поддршка на локални проекти за младите, со фокус на дигитални вештини, писменост за вештачка интелигенција и економско зајакнување, како и на младинско и социјално претприемништво. За секој избран проект е предвидена еднократна директна поддршка во вредност од 10.000 до 15.000 евра, а проектите треба да се реализираат во период од 10 месеци. Сите прифатливи трошоци поврзани со реализацијата на проектот се покриваат во целост, без потреба од кофинансирање.
Рокот за поднесување на апликациите е 16 ноември 2026 година до 17:00 часот. Сите информации за повикот, условите за аплицирање, информативните сесии и потребните документи се достапни на www.eu4cr.mk.

Проектот „ЕУ Механизам за граѓанска отпорност – Фаза II: Поддршка за граѓански и грасрут организации“ е финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА III Програмата за поддршка на граѓанското општество и медиумите 2024–2025 за Република Северна Македонија.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?