Дарежлива независност: Силно им светнал ден на соработниците со 870.000 евра

независност

Дејвид Гета, Хозе Карерас, Стив Аоки, Пол ван Дајк и Пол Оукенфолд, заедно со десетици македонски музичари, актери и танчери, чинеле помалку од организацијата на прославата на 35 години независност на Македонија. Според објавениот финансиски извештај, за хонорари на сите артисти и изведувачи биле издвоени 129,3 милиони денари, односно околу 2,1 милион евра, додека за продукција, логистика, маркетинг и соработници биле пријавени околу 3,44 милиони евра.

Вкупната вредност на прославата изнесува 340.509.749 денари, приближно 5,54 милиони евра. Од оваа сума, 38 проценти се прикажани како хонорари за изведувачите, а останатите 62 проценти за други трошоци. Особено внимание привлекуваат 53,5 милиони денари, речиси 870.000 евра, означени како „хонорари за соработници“, без детално јавно објаснување за конкретните услуги и ангажмани.

Пет светски имиња и десетици домашни уметници

Прославата опфати 18 настани во 13 градови, од 2 август до 15 септември. Еден од најобемните проекти беше музичко-сценскиот караван „Силно светнал ден“, во кој учествуваа 41 македонски вокален изведувач, 20 танчери и актери и оркестар од 15 музичари. Проектот беше реализиран во копродукција со „ОХО продукција“.

На 1 септември во Скопје настапи Хозе Карерас, придружуван од десет македонски изведувачи и Македонската филхармонија. Во програмата беа и Каролина Гочева, Калиопи, Влатко Стефановски, Меморија, Мизар, Синтезис, Слаткаристика, Суперхикс, 2 Бона, Фанк Шуи, Дина Јашари и други домашни имиња.

Објавената сума за хонорари не покажува колку чинел секој поединечен настап, ниту дали сите ангажмани биле исплатени директно или преку продукциски и институционални договори.

Колку чинела продукцијата на Гета во Шпанија?

Во шпанскиот град Виго, каде што Дејвид Гета настапи во август 2023 година, за девет концерти од летната програма биле пријавени 2.473.440 евра за ангажирање изведувачи и 802.299 евра за техничка продукција и поврзани услуги. Договорната цена за концертот на Гета изнесувала 932.085,63 евра, што не претставува исклучиво негов личен хонорар.

Во Виго, средствата за ангажирање изведувачи биле приближно трипати поголеми од оние за техничка продукција. Во Македонија, пак, трошоците надвор од хонорарите на артистите ја надминуваат сумата за нивните настапи.

Разликата покажува зошто е важно да се знае што точно опфаќа секоја ставка.

Речиси 870.000 евра за соработници

На прес-конференцијата на 9 октомври владината портпаролка Марија Митева соопшти дека извештајот доставен од компанијата задолжена за реализацијата има 81 страница и ги опфаќа програмата, продукцијата, логистиката и финансиската структура. Според неа, трошоците треба да се разгледуваат во контекст на обемот и сложеноста на сите 18 настани.

Покрај 53.570.250 денари за соработници, во извештајот се наведени 96,2 милиони денари за продукција и 58,5 милиони денари за логистика. Станува збор за три одделни категории, но во јавно презентираните податоци не е прецизирано каде завршува еден вид услуга, а започнува друг.

Ставката за соработници претставува 15,7 проценти од вкупната вредност на прославата и е еквивалентна на околу 41 процент од сумата издвоена за сите изведувачи.

Големите музички настани несомнено бараат сложена техничка подготовка и бројни професионални ангажмани. Самата висина на организациските трошоци не е доказ за преплаќање. Но кога тие ги надминуваат хонорарите на пет светски ѕвезди и десетици домашни уметници заедно, нивната структура станува суштинско прашање.

Извештајот покажува колку чинела прославата, но јавно претставените податоци сè уште не откриваат за какви конкретни услуги биле наменети речиси 870.000 евра за „соработници“.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?