Герасимовски дециден – нема гласање за „Барутана“ без потврда за безбедноста

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, порача дека нацрт-деталниот урбанистички план за „Барутана“ на Водно нема да биде ставен на гласање пред Советот сè додека не се потврди безбедноста на теренот и не се најде законски издржано решение за сите отворени прашања. На денешниот брифинг со новинарите тој најави дополнителни геолошки испитувања за ризикот од свлечишта, ерозија и нестабилност на падините.

Герасимовски нагласи дека позитивните мислења од надлежните институции не значат автоматско усвојување на планот и дека конечната одлука ќе зависи од дополнителните стручни анализи.

„Мојот став е јасен. Сè додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, јас како градоначалник нема да предложам овој нацрт-ДУП да биде ставен на дневен ред на Советот. За Водно мора да бидеме особено внимателни“, изјави Герасимовски.

Тој информираше дека Дирекцијата за заштита и спасување веќе дала позитивно мислење за нацрт-планот, потврдувајќи дека условите за заштита и спасување се вградени во планската документација.

Позитивни мислења доставиле и повеќе други институции, меѓу кои Комисијата за урбанизам на Град Скопје, Агенцијата за катастар на недвижности, ЈП „Водовод и канализација“, Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за внатрешни работи.

Сепак, градоначалникот најави дека од планерската куќа ќе биде побарано да нарача посебна студија од Градежниот факултет, со која детално ќе се процени ризикот од ерозија, свлекување на земјиштето и нестабилност на падините на Водно.

Според презентираните податоци, со новиот нацрт-ДУП се предвидува намалување на вкупната површина за градба од 43.429 на 29.439 квадратни метри, односно за околу една третина. Истовремено, предвидениот удел на зеленило во градежните парцели се зголемува од 20 на 40 проценти.

Герасимовски посочи дека со планот не се воведуваат нови градежни парцели, туку се задржуваат постојните, со намалена површина за изградба.

Отворено останува и прашањето за пристапните сообраќајници. Општина Центар најавува втора јавна анкета, на која граѓаните повторно ќе можат да достават забелешки и предлози за сообраќајните решенија и планираната изградба.

Градоначалникот истакна дека по поништувањето на претходниот план во 2025 година, Општината има законска обврска да започне постапка за донесување нов детален урбанистички план, но тоа не подразбира дека Советот мора да го усвои.

„Имаме законска обврска да ја водиме постапката, но тоа не значи дека нацрт-ДУП-от мора да биде усвоен по секоја цена. Ќе ги разгледаме сите забелешки, ќе ги направиме потребните дополнителни анализи и ќе бараме решение кое нема да ја доведе во прашање безбедноста на граѓаните“, порача Герасимовски.

Постапката за „Барутана“ продолжува, но планот нема да биде доставен на одлучување пред Советот на Општина Центар додека не се разрешат прашањата за стабилноста на теренот, пристапната инфраструктура и забелешките од граѓаните.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?