Мечето кое обожава мед, секогаш е подготвено за авантура и знае колку вреди вистинското пријателство прослави 100 години. На 14 октомври 1926 година била објавена првата книга „Winnie-the-Pooh“ од британскиот писател Алан Александар Милн, со што започнала приказната за еден од најомилените ликови во детската литература.
Еден век подоцна, Winnie the Pooh, кај нас познат како Вини Пу, продолжува да биде дел од детството на милиони деца ширум светот. Неговите авантури се пренесуваат од генерација на генерација, преку книгите, цртаните филмови и приказните што родителите им ги читаат на своите деца.
Инспирацијата за славното мече дошла од вистинско момче и неговите играчки. Кристофер Робин, синот на писателот, имал плишано мече кое станало основа за главниот лик. Дел од останатите играчки ги инспирирале и неговите пријатели, Прасенцето, Ијор, Тигар и Кенга.
Светот на Winnie the Pooh е сместен во Шумата од сто хектари, инспирирана од вистинската шума Ешдаун во Англија. Таму мечето и неговите пријатели доживуваат мали, секојдневни авантури, во кои најважни се пријателството, меѓусебната помош, разбирањето и радоста од едноставните нешта.
За популарноста на ликот голема улога има и „Дизни“, кој од шеесеттите години на минатиот век ги пренесе приказните на филмското платно и телевизиските екрани. Препознатливото жолто мече со црвена маичка стана симбол на детството за многу генерации.
Но, оригиналната приказна има и свое посебно место во книжевната историја. Првите книги биле илустрирани од Ернест Хауард Шепард, чии цртежи и денес се сметаат за неразделен дел од светот што го создал Милн.
Оригиналните плишани играчки на Кристофер Робин, вклучувајќи го и мечето кое го инспирирало Winnie the Pooh, денес се чуваат во Њујоршката јавна библиотека, каде што посетителите можат да ги видат ликовите што пред еден век оживеале на страниците на книгата.
Иако поминаа сто години, пораките на Winnie the Pooh останаа едноставни и блиски до секоја генерација. Пријателите се тука кога ни се потребни, добрината не бара големи дела, а среќата понекогаш се крие во најобичните моменти.
Токму затоа, по еден век, Winnie the Pooh не е само книжевен лик од минатото, туку мече со кое продолжуваат да растат нови генерации деца.

