По 14 години, можно е повторно да се активира рафинеријата ОКТА

Рафинеријата ОКТА, која не преработува сурова нафта од 2012 година, би можела повторно да започне со производство. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека Владата разговарала со раководството на компанијата за можноста за рестартирање на производниот процес, со цел во земјава повторно да се произведува дизел-гориво од сурова нафта.

Според Мицкоски, на состанокот со најголемите трговци со нафтени деривати, меѓу кои и ОКТА, било побарано да се испита дали постојните капацитети можат повторно да се стават во функција. Дополнителна можност, како што посочи, претставува продуктоводот што ја поврзува рафинеријата со Солунското пристаниште.

Во моментов се врши процена на техничката состојба на рафинеријата, по што се очекува раководството на ОКТА да достави информации дали е возможно рестартирање и колку време би било потребно за тоа.

ОКТА престана со преработка на сурова нафта во 2012 година, а потоа продолжи да функционира како компанија за снабдување и трговија со нафтени деривати. Евентуалното обновување на производството би значело повторно активирање на индустриски капацитет кој повеќе од една деценија не е во производна функција.

Најавата доаѓа во период на неизвесност на меѓународните пазари на нафта и предупредувања за можни нарушувања во снабдувањето со дизел-гориво. Сепак, премиерот изјави дека, според информациите добиени од трговците, до крајот на годинава не се очекува недостиг на горива во Македонија. Според нивните неофицијални процени, проблеми не се очекуваат ниту во текот на следната година.

Мицкоски повтори дека Владата ќе продолжи со политиката на одржување ниски цени на горивата, со образложение дека приоритет е заштитата на животниот стандард на граѓаните.

Засега нема одлука за рестартирање на ОКТА, ниту конкретен рок или процена за потребните инвестиции. Одговорот дали рафинеријата повторно ќе произведува гориво ќе зависи од техничката и економската исплатливост на нејзиното активирање.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?