Грција нареди ексхумација на жртвите од железничката трагедија во Темпи

ФОТО: InTime News

Грчкото обвинителство нареди да се забрза ексхумацијата на жртвите од железничката несреќа во Темпи, во која во февруари 2023 година загинаа 57 лица. Посмртните останки ќе бидат испитувани во специјализирана лабораторија во Холандија, со цел да се утврдат околностите под кои загинале патниците.

Наредбата ја издала раководителката на Основното јавно обвинителство во Лариса, Екатерини Папајоану, по долгогодишните барања на семејствата на жртвите за дополнителни токсиколошки и биохемиски анализи.

За испитувањата е избран Холандскиот институт за форензика (Netherlands Forensic Institute), кој потврдил дека може да ги спроведе потребните специјализирани анализи, под одредени услови.

Обвинителството побарало од судските вештаци веднаш да ја договорат соработката со холандската институција и да ги утврдат техничките услови за спроведување на испитувањата.

Потребно е да се прецизираат видот и количината на биолошките примероци, начинот на нивно земање, чување и транспорт, како и точниот датум на ексхумациите.

Воедно, треба да се пресметаат вкупните трошоци за постапката за да може да се одобри нивното покривање.

Според грчките медиуми, наредбата се однесува на барањата на осум или девет семејства кои инсистираат на нови форензички анализи.

Семејствата со месеци бараат испитувањата да не се ограничуваат само на ДНК-идентификација, туку да опфатат и токсиколошки анализи што би можеле да помогнат во утврдувањето на точните причини за смртта.

Претходно, четири грчки универзитети посочиле дека домашните лаборатории немаат соодветна опрема за сите побарани испитувања. Токму тоа било една од причините семејствата да бараат примероците да бидат испратени во странство.

Во февруари годинава беа најавени првите ексхумации, но постапката беше одложена по правните приговори на семејствата, кои бараа гаранции дека ќе бидат направени сите неопходни анализи.

Со изборот на холандскиот институт се отвора можност постапката да продолжи, иако точниот датум на ексхумациите сè уште не е утврден.

Железничката несреќа во Темпи се случи на 28 февруари 2023 година, кога патнички воз што сообраќаше од Атина кон Солун директно се судри со товарен воз.

Во несреќата загинаа 57 лица, меѓу кои голем број студенти, а десетици патници беа повредени.

По судирот избувна голем пожар, чии причини останаа предмет на дополнителни истраги и спорови меѓу експертите.

Роднините на жртвите бараат да се утврди дали во товарниот воз имало запаливи материи што можеле да придонесат за пожарот и дали некои од патниците починале како последица на огнот, а не од самиот судир.

Случајот предизвика масовни протести во Грција, со барања за целосно расветлување на трагедијата и одговорност за пропустите во железничката безбедност и истрагата.

Новите форензички испитувања треба да помогнат во утврдувањето на околностите на смртта на жртвите, но засега не може да се предвиди дали и какви дополнителни докази ќе обезбедат.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?