Американската војска подготвила планови за нови напади врз Иран, кои предвидуваат и можна употреба на најмоќната ненуклеарна бомба во американскиот арсенал, позната како „мајката на сите бомби“. Според ексклузивните информации на Си-ен-ен, целите би биле иранската енергетска инфраструктура и нуклеарните постројки, доколку претседателот Доналд Трамп нареди обновување на воените операции.
Станува збор за бомбата ГБУ-43/Б, позната под кратенката МОАБ (MOAB), чија употреба би претставувала значително проширување на американските воени операции против Иран.
Повеќе американски функционери запознаени со военото планирање потврдиле за Си-ен-ен дека Пентагон разработил дополнителни сценарија за напади, кои би можеле да бидат спроведени пред или по конгресните избори во САД во ноември.
Според еден од изворите, Трамп побарал од военото раководство да подготви планови што вклучуваат напади врз голем дел од иранската енергетска инфраструктура, како и можност за употреба на бомбата МОАБ.
Друг извор потврдил дека бомбата е вклучена и во плановите за напад врз преостанатите ирански нуклеарни објекти, меѓу кои и подземниот комплекс познат како „Пикекс“.
Американските и израелските власти се сомневаат дека Иран во тој комплекс складира делови од својата нуклеарна програма. Трамп во изминатите месеци повеќепати се закануваше со напади врз објектот, инсистирајќи дека Техеран не смее да развие нуклеарно оружје.
Сепак, американските воени експерти изразуваат сомневање дека употребата на МОАБ би можела да ги уништи подземните нуклеарни постројки.
Бомбата, тешка околу 9,8 тони, е дизајнирана за создавање огромен експлозивен удар на површината. Нејзиното дејство може да опфати простор споредлив со девет градски блокови, но таа не е наменета за пробивање длабоко во утврдени подземни објекти.
Според изворите на Си-ен-ен, нуклеарниот комплекс „Пикекс“ е заштитен со дебели слоеви гранит, поради што постојат сериозни сомневања дека експлозијата би можела да ги уништи објектите под земја.
Американски функционери предупредуваат и дека употребата на вакво оружје во близина на населени места може да предизвика голем број цивилни жртви, особено доколку целта се енергетски постројки во непосредна близина на цивилна инфраструктура.
И покрај сомневањата во воената ефикасност, дел од советниците на Трамп ја разгледуваат бомбата и како средство за психолошки притисок врз иранските власти.
Според Си-ен-ен, администрацијата разгледува сценарија што би му овозможиле на Трамп да прогласи успех во војната, а потоа да започне повлекување на американските сили од регионот.
Таквиот пристап се разгледува во услови на растечки политички притисок врз американскиот претседател да најде излез од конфликтот, кој трае повеќе од шест месеци.
Трамп претходно најави дека нема да започнува нови напади пред ноемвриските избори, но дел од неговите советници не се сигурни дали таа одлука е конечна.
Белата куќа, запрашана за информациите на Си-ен-ен, одговорила дека не коментира чувствителни воени планови, но нагласила дека претседателот ги задржува сите можности за спречување на Иран да развие нуклеарно оружје.
Од Пентагон соопштиле дека американската војска редовно подготвува сценарија за различни оперативни ситуации, во согласност со насоките на претседателот и военото раководство.
Бомбата МОАБ првпат беше употребена во борбени операции во 2017 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп, кога американските сили нападнаа позиции на Исламска држава во Авганистан.
Тогаш беше погодена мрежа од подземни тунели и засолништа што ги користеа припадниците на екстремистичката организација. Според тогашните авганистански власти, во нападот биле убиени 36 борци на Исламска држава.
Намената на бомбата првично била уништување големи концентрации воена опрема и сили, но и создавање силен психолошки ефект врз противникот.
Засега нема потврда дека Трамп донел одлука за употреба на ова оружје против Иран. Плановите остануваат една од повеќето воени опции што ги разгледува американската администрација.

