Гардијан: Вучиќ притискал за проект поврзан со семејството Трамп во Белград

Вучиќ

Истрага на британскиот весник „Гардијан“ открива дека поранешниот српски претседател Александар Вучиќ на состанок во февруари 2024 година барал да се укине статусот на заштитено културно добро на комплексот на поранешниот Генералштаб во Белград, на чија локација била планирана инвестиција од 500 милиони долари поврзана со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп. Вучиќ не е обвинет во случајот, а тој и неговите соработници ги отфрлаат обвинувањата за неправилности.

Според истрагата на „Гардијан“, Вучиќ на 6 февруари 2024 година свикал состанок со претставници на институциите за заштита на културното наследство и побарал да се отстрани заштитениот статус на комплексот на некогашниот Генералштаб на Југословенската народна армија во Белград.

На состанокот присуствувала Дубравка Ѓукановиќ, тогашна директорка на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата. Според двајца соговорници на британскиот весник запознаени со состанокот, Вучиќ им кажал на присутните дека за локацијата е заинтересиран странски инвеститор и побарал да се отстрани заштитата.

Соговорниците тврдат дека неговиот настап бил непријатен и дека на Ѓукановиќ и на уште една функционерка им било ставено до знаење дека треба да го исполнат барањето или да си поднесат оставки.

Комплексот, кој беше оштетен во бомбардирањето на НАТО во 1999 година, има значајна архитектонска и историска вредност. Во 2016 година, додека Вучиќ беше премиер, лично го потврдил неговиот статус на заштитено културно добро. Осум години подоцна, според истрагата, барал тој статус да биде укинат.

Договор за 99 години без надомест

Еден месец по состанокот протекол договор меѓу српската влада и компанијата на Џаред Кушнер, зет на Доналд Трамп, со кој на компанијата ѝ било одобрено користење на земјиштето на кое се наоѓа комплексот за период од 99 години, без надомест.

Според „Гардијан“, договорот од 13 мај 2024 година предвидувал српската влада да го отстрани статусот на културно добро на начин што ќе ги задоволи барањата на компанијата.

Една недела по потпишувањето на договорот, Ѓукановиќ и Оливера Вучковиќ, тогашна директорка на белградскиот завод за заштита на спомениците, биле повикани на нов состанок, овојпат со министерот за финансии Синиша Мали, близок соработник на Вучиќ.

Според исказите наведени во обвинението во случајот, Мали ги прашал дали размислувале да започнат постапка за укинување на заштитата. Двете функционерки одбиле, оценувајќи дека не се исполнети законските услови. Потоа им било кажано дека треба да поднесат оставки, по што ги напуштиле функциите.

Во оставката, Ѓукановиќ предупредила дека планираните зафати трајно би ја уништиле вредноста на комплексот, кој го сметала за едно од најзначајните остварувања на современата српска архитектура. Двете поранешни функционерки ја потврдиле веродостојноста на настаните опишани во истрагата на британскиот весник.

Заштитата укината по победата на Трамп

Во ноември 2024 година, само десет дена по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, српските власти објавиле дека комплексот го изгубил статусот на заштитено културно добро.

Планот предвидувал изградба на луксузен хотел, станбени и деловни простори, а проектот подоцна бил претставен како заеднички потфат на компанијата на Кушнер и семејството Трамп. Синот на американскиот претседател, Ерик Трамп, во јануари 2025 година потврдил дека двете семејства ќе учествуваат во проектот во Белград.

Планот предизвикал отпор кај граѓани, архитекти и експерти за културно наследство. За дел од јавноста, комплексот е значаен и како потсетник на бомбардирањето на НАТО во 1999 година.

Случајот добил и кривичноправна димензија. Во мај 2025 година бил уапсен Горан Васиќ, кој ја презел функцијата директор на Републичкиот завод по оставката на Ѓукановиќ. Обвинителството се сомнева дека тој фалсификувал стручно мислење со кое се оправдувало укинувањето на заштитата.

Во декември 2025 година, обвинение било поднесено и против министерот за култура Никола Селаковиќ, поради сомневања за злоупотреба на службената положба. Неколку дена по поднесувањето на обвиненијата, компанијата на Кушнер соопштила дека засега се повлекува од проектот.

Вучиќ тогаш ги нападнал обвинителите, обвинувајќи ги дека измислуваат случаи и ја оштетуваат Србија. Изјавил дека земјата изгубила исклучително важна инвестиција и дека лично ќе се погрижи одговорност да понесат сите што придонеле за нејзиното пропаѓање.

Вучиќ не е обвинет, истрагата продолжува

Новото истражување на „Гардијан“ отвора прашање зошто состанокот од февруари 2024 година, на кој според сведоци Вучиќ лично барал укинување на заштитата, не е опишан во обвинението против српските функционери.

Од Обвинителството за организиран криминал за британскиот весник потврдиле дека располагаат со докази за состанокот и дека продолжуваат со предистражни дејствија за да утврдат дали постои кривична одговорност и кај други лица.

Вучиќ и Мали не се обвинети во постапката и ги отфрлаат обвинувањата за неправилности. Вучиќ не одговорил на барањето на „Гардијан“ за коментар.

Претставници на семејството Трамп и на Џаред Кушнер, исто така, отфрлиле каква било вмешаност во постапката за укинување на заштитата на комплексот. Од Trump Organization соопштиле дека компанијата не учествувала во преговорите за стекнување права врз земјиштето и дека во моментот нема планови за развој на проект во Белград. Портпаролот на Кушнер нагласил дека тој не бил вклучен во внатрешните постапки на српската влада.

Истрагата на британскиот весник доаѓа во пресрет на парламентарните избори во Србија, закажани за 25 октомври. Во земјата со месеци траат протести против власта, поттикнати од незадоволството по трагедијата во Нови Сад и обвинувањата за корупција и нефункционалност на институциите.

Прашањето што останува отворено е дали истрагата за комплексот на Генералштабот ќе доведе до утврдување одговорност и кај други високи функционери, покрај оние против кои веќе е покрената постапка.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?