Бугарија за две децении изгубила речиси 98 отсто од магарињата. Од повеќе од 90.000 животни регистрирани во 2005 година, денес во земјата останале помалку од 2.000, покажуваат официјалните податоци на Бугарската агенција за безбедност на храната. Намалувањето на земјоделското производство, иселувањето од селата и модернизацијата на транспортот се главните причини за драстичниот пад.
Животните што некогаш биле составен дел од речиси секое селско домаќинство денес стануваат реткост, особено во помалите населени места каде што традиционалното земјоделство постепено исчезнува, објавува Бугарската национална телевизија (БНТ).
Едно од селата каде што сè уште се одгледуваат магариња е Долно Осеново, во југозападниот дел на Бугарија. Според локалните власти, пред десетина до петнаесет години речиси секое домаќинство имало најмалку едно магаре, а некои семејства чувале и по две или три.
„Во моментов во нашето село нема повеќе од 30 до 40 магариња. Пред десетина или петнаесет години секоја куќа имаше барем по едно. Се сеќавам дека имаше околу 300 до 400 магариња. На улиците беа многу побројни од автомобилите“, изјави градоначалникот Алекси Крнчов за БНТ.
Според него, главна причина за намалувањето на бројот на животните е напуштањето на традиционалното земјоделство, особено производството на тутун, за кое магарињата со децении се користеле како работни животни.
Со намалувањето на производството на тутун исчезнала и потребата од нивното секојдневно користење.
Дополнителен фактор е иселувањето на населението. Голем дел од жителите на малите села заминале во странство или во поголемите бугарски градови, оставајќи ги земјоделските површини необработени.
Механизацијата исто така ја променила улогата на магарињата. Наместо животни за превоз на дрва, земјоделски производи и други товари, селските домаќинства денес користат автомобили, теренски возила и земјоделска механизација.
Магариња сè уште можат да се најдат претежно во помалите села во Родопите и Рила, како и во одредени зоолошки градини.
Една од сопственичките што продолжуваат да чуваат магаре е Десислава Крнчова. Таа пред пет години го купила магарето Марчо за да ѝ помага при одгледувањето тутун и превозот на дрва.
Со текот на времето животното станало дел од семејството, а денес таа не сака да се раздели од него, иако повеќе не ѝ е неопходно за земјоделските работи.
„Го гледам како домашен миленик. Не сакам да го продавам, сакам да си го чувам. Магарињата се многу паметни животни. Штом ќе ми го слушне гласот, веднаш почнува да рика“, раскажува таа.
Податоците покажуваат дека за нешто повеќе од 20 години бројот на регистрирани магариња во Бугарија се намалил за повеќе од 88.000.
Нивното исчезнување од бугарските села не значи дека видот е пред глобално истребување, туку дека традиционалното одгледување магариња во земјата драстично се намалува.
Заедно со нив постепено исчезнува и дел од некогашниот селски начин на живот, во кој магарињата имале важна улога во земјоделството и секојдневниот превоз.

