Германскиот автомобилски гигант Фолксваген разгледува план за целосно замрзнување на платите на глобално ниво сè до 2030 година. Мерката е дел од пошироката програма за драстично намалување на трошоците за персонал и би можела да засегне над 660.000 вработени ширум светот.
Според интерни документи наменети за меѓународниот менаџмент, управата на компанијата планира примањата на работниците да останат на нивото од 2026 година во текот на следните четири години. Директивата веќе им налага на раководителите на одделите за човечки ресурси да не предвидуваат никакви покачувања надвор од претходно утврдените колективни договори.
Претставниците на работничките совети реагираа со остри критики откако планот им бил презентиран на заеднички состанок на раководството. Синдикалните претставници предупредуваат дека ваквиот чекор предизвикува голем револт кај работниците, особено во период кога од нив истовремено се бара зголемување на продуктивноста и продолжување на работните часови.
Само во Германија концернот и неговите подружници вработуваат околу 275.000 луѓе, од кои приближно 130.000 се директно покриени со колективниот договор на Фолксваген. Преговорите за работничките права во секторот се во тек и опфаќаат и други брендови во рамките на групацијата, меѓу кои се Ауди, Порше и МАН.
Сè уште останува нејасно како компанијата планира правно и оперативно да го спроведе ова замрзнување во сите држави каде што има производствени капацитети, со оглед на тоа што висината на платите законски се договара преку локалните синдикати. Од управата на Фолксваген засега одбиваат официјално да ги коментираат овие информации.

