Во 11 европски градови една плата не е доволна ни за кирија

Во 11 европски градови една просечна месечна плата не е доволна за изнајмување трособен стан во центарот. Најтешка е состојбата во Лисабон, каде што на двојка со две просечни плати, по плаќањето на киријата, ѝ остануваат само 253 евра за сите други месечни трошоци.

Ова го покажува истражувањето „Mapping the World’s Prices 2026“ на Дојче банк, кое споредува просечни нето-плати и кирии во 28 европски градови. Пресметката претпоставува дека двајцата партнери работат и заработуваат по една просечна локална плата.

Во Лисабон просечната нето-плата изнесува 1.408 евра, а киријата за трособен стан во центарот достигнува 2.561 евро. По плаќањето на станарината, на двојката ѝ остануваат 253 евра. Во Истанбул остануваат 353 евра, во Милано 697 евра, а во Атина 1.148 евра.

На спротивниот крај е Цирих. Иако киријата таму достигнува 5.502 евра, високите просечни плати овозможуваат на двојка да ѝ останат 9.140 евра месечно. Во Женева преостануваат 8.783 евра, а во Луксембург 5.890 евра.

Разликите се видливи и меѓу големите европски метрополи. Во Берлин, по плаќањето на киријата, на двојка ѝ остануваат 3.554 евра, нешто повеќе отколку во Париз, каде што остануваат 3.336 евра. Причината е пониската станарина во германската престолнина, иако просечните плати во Париз се повисоки.

Меѓу градовите каде што една плата не ја покрива киријата се Лондон, Мадрид, Барселона, Милано, Рим, Атина, Лисабон, Даблин, Прага, Будимпешта и Истанбул.

Истражувањето не ги вклучува трошоците за храна, сметки, превоз и други секојдневни потреби. Затоа износот што останува по киријата не претставува слободен приход за трошење или штедење.

Скопје не е меѓу 28-те анализирани европски градови, па од овие податоци не може да се направи директна споредба со Македонија. Сепак, според септемвриската синдикална минимална кошница, на четиричлено семејство во Македонија му биле потребни 69.432 денари месечно, а со пресметани трошоци за изнајмен стан 84.807 денари.

Податоците покажуваат дека висината на платата сама по себе не е доволна мерка за животниот стандард. Подеднакво важно е колкав дел од семејниот приход се троши за обезбедување покрив над главата.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?