Напади во училиштата низ Европа, истрагите водат кон опасни интернет-групи

Серија напади во училишта во Романија, Полска и Франција ги насочи истражителите кон интернет-заедници што величаат масовни убиства и поттикнуваат насилство. По нападите во кои има загинати и повредени, европските власти го испитуваат влијанието на социјалните мрежи врз младите напаѓачи, но засега нема докази дека инцидентите биле меѓусебно координирани.

Последниот напад се случи во понеделникот, на 19 октомври, во романскиот град Бистрица, каде што 13-годишен ученик со нож рани наставничка и друг ученик.

Според романската полиција, напаѓачот е под истрага за обид за тешко убиство, но поради возраста не може кривично да биде гонет.

Романските медиуми објавија дека момчето непосредно пред нападот објавувало пораки на ТикТок во кои најавувало насилство. Во една од објавите се тврдело дека нападот го подготвувал осум месеци.

Истражителите сè уште ги проверуваат неговите електронски уреди и автентичноста на објавите за да утврдат дали содржините на интернет влијаеле врз неговото однесување.

Криминологот Дан Русу за романската телевизија Диги24 предупреди дека чувството на отфрленост, личните проблеми и изложеноста на екстремистички содржини можат да придонесат за радикализација на младите.

Според него, во одредени интернет-заедници насилството се претставува како начин поединците да стекнат моќ, признание или да се одмаздат за неправдите што сметаат дека им биле нанесени.

Во Полска, три напади со нож во рок од четири дена предизвикаа дополнителни безбедносни мерки и распоредување илјадници полицајци во училиштата.

На 7 октомври, во училиштето во Остроленка, 19-годишен напаѓач рани девет лица, меѓу кои пет ученици. Според локалните медиуми, кај него била пронајдена и импровизирана експлозивна направа.

Во друг напад, во училиштето во Лешчидол Новини, 15-годишник усмрти 37-годишна вработена и рани директор и наставничка.

Полските истражители проверуваат дали осомничените користеле исти интернет-форуми и дали биле изложени на содржини што ги величаат масовните убиства.

По нападите, на социјалните мрежи се појавиле закани против десетици други училишта, поради што властите ја засилиле заштитата на учениците и наставниците.

Полскиот министер за дигитални работи Кшиштоф Гавковски соопшти дека од 7 до 12 октомври властите пријавиле 89 случаи на незаконска интернет-содржина поврзана со нападите.

Според него, во околу две третини од случаите интернет-компаниите не презеле никакви мерки по пријавите.

Поради тоа, полската Влада ги повикала претставниците на Гугл, Мета, ТикТок, Дискорд и Телеграм на разговор за поефикасно отстранување на содржините што поттикнуваат насилство. На состанокот била поканета и платформата Икс, но нејзини претставници не присуствувале.

Во Франција, пак, нападот од 12 октомври во училиште во Обањ, во близина на Марсеј, стана предмет на истрага на Националното антитерористичко обвинителство.

Четиринаесетгодишен ученик со ловечка пушка ги рани директорот и наставничка во училиштето.

Според француските истражители, момчето било поврзано со интернет-заедницата позната како True Crime Community (TCC), во која дел од корисниците величаат извршители на масовни убиства и споделуваат содржини што поттикнуваат имитирање на нивните дела.

Осомничениот признал дека бил под влијание на такви содржини, но тврдел дека нападот го извршил како одмазда за врсничко насилство.

Францускиот весник „Ле Монд“ објави дека ова е првиот случај во Франција во кој напад врз училиште официјално се истражува како терористичко дело поради можна поврзаност со ваква интернет-заедница.

Истражувачот Александар Род, кој го проучува насилниот екстремизам, предупредува дека интернет-групите што величаат училишни масакри се развиле од феномен што првично бил забележан во Соединетите Американски Држави.

Според неговите податоци, од 8 септември се регистрирани најмалку 13 напади врз училишта низ светот што тој ги поврзува со овој феномен.

Сепак, истражителите во Полска, Романија и Франција сè уште не утврдиле дека нападите биле организирани преку заедничка мрежа или дека меѓу напаѓачите постоела директна комуникација.

Надлежните институции предупредуваат дека ширењето закани, величањето на насилството и објавувањето содржини поврзани со претходни масовни убиства претставуваат сериозен предизвик за безбедноста на училиштата.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?