ОН со алармантни прогнози: Земјата ќе се загрее повеќе од предвиденото

Глобалното затоплување ќе биде значително поголемо од претходните проценки, а просечната температура до средината на векот ќе порасне за 1,7 до 1,8 степени Целзиусови дури и во најоптимистичкото сценарио, предупредува нов извештај на Обединетите нации.

Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) објави дека остварувањето дури и на најповолното климатско сценарио бара итно и драстично намалување на штетните емисии. Според извештајот, емисиите на стакленички гасови мора да се намалат за 18 отсто до 2030 година во однос на нивото од 2025 година, за 45 отсто до 2035 година и за 69 отсто до 2040 година.

Актуелните национални климатски планови на државите предвидуваат далеку послаби мерки. Со нивната примена, емисиите би се намалиле за само 5 до 8 отсто до крајот на деценијата.

Доколку владите продолжат со досегашните политики, глобалната температура до 2100 година ќе се зголеми за 2,8 степени Целзиусови во споредба со прединдустрискиот период. Доколку земјите целосно ги исполнат сите дадени ветувања, порастот би изнесувал 2,6 степени. Двете проекции се значително повисоки од претходните пресметки.

Од ОН посочуваат дека зголемените проекции се директна последица на повлекувањето на Соединетите Американски Држави од Парискиот договор, како и на ревидираните проценки за историските емисии.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во пресрет на претстојната климатска конференција COP31 во Турција, упати повик до светските лидери да не се откажуваат од борбата за климата, нагласувајќи дека растот на температурите директно ги интензивира поплавите, пожарите и другите природни катастрофи. Пречекорувањето на температурниот праг, според Гутереш, не смее да значи капитулација, туку обврска затоплувањето да се сведе на минимум и температурите да се вратат кон прифатливи граници до крајот на векот.

Ограничувањето на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови без негово пречекорување повеќе не се смета за остварлива цел. Враќањето на таа граница до 2100 година би било можно исклучиво со технологија за масовно отстранување јаглероден диоксид од атмосферата – процес за кој ОН предупредува дека сè уште не е потврден во потребните глобални размери.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?