Јазовец помогна да се откријат траги стари 6.500 години

фото: Charles J. Sharp

Необичен помошник се појавил на археолошко наоѓалиште во Србија. Јазовец, копајќи дупки за своето живеалиште, исфрлил на површината фрагменти од праисториска керамика и друг археолошки материјал, помагајќи им на истражувачите да откријат нови траги од животот на луѓето пред повеќе илјади години.

Настанот се случил на локалитетот Девојачки камен, во селото Врмџа кај Сокобања, каде археолозите истражуваат остатоци од населба од бакарното доба.

Додека го подготвувале теренот за продолжување на ископувањата, истражувачите забележале три големи дупки ископани од јазовец. Животното, барајќи простор за своето подземно живеалиште, изнело на површината парчиња керамички садови и друг материјал од подлабоките слоеви на земјата.

Овие траги им помогнале на археолозите да препознаат делови од локалитетот што би можеле да бидат значајни за понатамошните истражувања.

Според Милена Муминовиќ Божиќ, виш кустос во Завичајниот музеј во Књажевац, при досегашните ископувања се пронајдени бројни фрагменти од керамички садови, камени алатки и предмети од коска. Меѓу поинтересните откритија е и нараквица изработена од коска.

Археологот Јелена Мартиновиќ објаснила дека новата истражувачка сонда се наоѓа во близина на место каде претходно биле откриени остатоци од праисториска куќа. Пронајдениот материјал укажува дека просторот можеби бил дел од дворот на тогашното живеалиште.

Откриени се и два камени жрвња, користени за мелење жито, како и кремени предмети во дел од теренот за кој постојат претпоставки дека служел како огниште.

Археолозите проценуваат дека дел од наодите потекнуваат од периодот пред околу 6.000 до 6.500 години, кога луѓето веќе живееле во постојани населби, се занимавале со земјоделство и постепено почнувале да користат метални алатки.

Истражувањата на Девојачки камен продолжуваат, а планирано е отворање уште една сонда за подетално испитување на локалитетот.

Неочекуваната помош од јазовецот покажува дека археолошките откритија понекогаш започнуваат и надвор од планираните ископувања.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?