Француските здравствени власти го потврдија првиот случај на инфекција со животинскиот вирус шамонда кај човек, кај пациент кој подоцна починал, но нагласуваат дека во оваа фаза нема ризик за општата популација.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) соопшти дека внимателно ја следи состојбата откако Франција ја пријави првата досега регистрирана хумана инфекција со овој вирус, болест која досега се среќаваше исклучиво кај животните.
Според водечката хипотеза на француските власти, пациентот се заразил во источна Франција, каде што вирусот циркулирал меѓу добитокот во текот на пролетта и летото. ЕЦДЦ информираше дека пациентот починал на почетокот на октомври, при што претходно примал терапија за сериозна болест, што го направило поподложен на инфекции во споредба со општата популација. Истрагата за тоа дали вирусот директно ја предизвикал смртта или придонел за неа, како и за точниот начин на заразување, се уште трае.
Вирусот шамонда се пренесува преку каснување од мушички и најчесто се јавува кај говедата, но според Светската организација за здравје на животните (ВОАХ), тој е детектиран и кај коњи, алпаки, овци и кози. Моментно на пазарот нема достапни вакцини против овој вирус.
Овој вирус првпат е идентификуван во Нигерија во средината на 1960-тите години. Во Европа за првпат беше потврден кон крајот на јули по геномски тестирања на заболени говеда во јужна Германија, Швајцарија и источна Франција.
Според извештајот на францускиот билтен за надзор на здравјето на животните, вирусот последователно бил потврден и во Австрија, Белгија, Ирска, Италија, Лихтенштајн, Луксембург, Холандија, Португалија, Словенија, Шпанија и британскиот остров Џерси. Истражување спроведено на девет француски фарми покажало дека производството на млеко кај погодените стада паднало за дури 75 проценти.

