Членството на Црна Гора во Европската Унија е реално остварлива цел, а земјата направи огромен напредок и практично ги приведе кон крај пристапните преговори, порача германскиот канцелар Фридрих Мерц на самитот на Берлинскиот процес во Милочер.
Германскиот канцелар истакна дека Подгорица со својата посветеност покажа дека влезот во ЕУ е возможен доколку реформите доаѓаат однатре. Според него, реформите, политичката волја и засилената регионална соработка остануваат клучни фактори за напредокот на целиот Западен Балкан.
Мерц потсети на средбата одржана во Тиват во јуни, оценувајќи дека оттогаш е постигнат видлив исчекор и дека Берлинскиот процес е вратен на вистинскиот колосек. Тој посочи дека процесот на проширување мора да се темели строго на заслуги.
Во своето обраќање, германскиот канцелар наведе дека заедно со францускиот претседател Емануел Макрон доставиле заеднички предлози за проширувањето, од кои голем дел веќе се прифатени од Европската комисија, при што упати благодарност и до еврокомесарката за проширување Марта Кос.
Мерц порача дека земјите од регионот мора да покажат решителност во спроведувањето на клучните реформи и одржувањето на стабилноста за да го продолжат својот пат кон европската интеграција.

