Европскиот парламент усвои препораки за забрзано ширење на мрежата на брзи железници, со цел поврзување на главните градови, поголемите региони и клучните соседни земји до 2040 година.
Со 558 гласа „за“, 23 „против“ и 73 „воздржани“, европратениците го усвоија извештајот со кој се бара создавање функционална и поврзана европска железничка мрежа. Документот претставува одговор на акцискиот план на Европската комисија и се залага за завршување на трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т).
Според усвоениот план, брзите пруги не треба да ги поврзуваат само метрополите во земјите членки на Европската Унија, туку и регионалните урбани центри, како и стратешките соседни држави. Целта е намалување на сообраќајната изолираност на помалку развиените и периферните подрачја преку директни брзи линии или функционални врски со главните железнички коридори.
Парламентот побара од Европската Унија да обезбеди соодветни и наменски средства преку повеќегодишната финансиска рамка за периодот 2028-2034 година. Ова барање опфаќа јакнење на Инструментот за поврзување на Европа (ЦЕФ), како и финансирање проекти преку националните инвестициски планови. Од 2014 година досега, од европските програми веќе се издвоени над 100 милијарди евра за модернизација на железничката инфраструктура.
Покрај инфраструктурата, европратениците инсистираат и на пристапни цени на билетите со цел намалување на транспортната нееднаквост. Се бара воведување поволни тарифи, попусти и претплатнички билети, како и поголема транспарентност и лесна споредба на цените меѓу различните железнички оператори.
Известувачот на Европскиот парламент, Висент Марса Ибањез, истакна дека крајната цел е масовно пренасочување на патниците од авионскиот кон железничкиот сообраќај. Според него, тоа директно ќе ја намали зависноста од фосилни горива и ќе ја зајакне стратешката автономија на континентот, под услов развојот на брзите пруги да не биде на штета на локалните и приградските железнички линии.

