Зајкова: Владините реформи заслужуваат „два плус“

Реализацијата на Реформската агенда на Македонија ќе достигне најмногу 35 до 40 отсто, проценува претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, оценувајќи дека реформските резултати на Владата заслужуваат „два плус“. Таа побара уставни измени со одложено дејство и воведување национални заштитни клаузули за спречување идни блокади на европскиот пат.

Во гостувањето во емисијата „Колегиум“ на ТВ Алфа, Зајкова ја оспори владината оценка за напредокот во реформите, тврдејќи дека вистинската реализација е далеку под најавените резултати.

„За реализацијата на Реформската агенда, дури и во најдобро сценарио, до крајот ќе постигнеме максимум 35 до 40 проценти реализација од предвидените 100%. Или да го кажам на средношколски – би добиле трогателна оценка ‘два плус’!“, изјави Зајкова.

Според неа, Владата не презема доволно конкретни чекори за забрзување на реформите и европските интеграции, туку ја одржува постојната состојба.

ЛДП повторно го актуализираше својот предлог за усвојување уставни измени со одложено дејство, кои би стапиле во сила по ратификацијата на пристапните протоколи од земјите членки на Европската Унија.

Партијата предлага и воведување национални самозаштитни клаузули, со кои, според неа, би се спречиле дополнителни билатерални условувања во процесот на пристапување.

Од ЛДП тврдат дека овие решенија имаат поддршка од европските либерали во АЛДЕ, кои се залагаат за промени во механизмите на одлучување и за фазна интеграција на земјите кандидати во ЕУ.

„Не сакаме да се ставиме како држава во позиција на оној феномен – ‘ме мрази учителката и затоа ми става слаба оценка’. Време е за проактивна дипломатија и конкретни заштитни клаузули дома“, рече Зајкова.

Таа побара Владата да престане да ги користи надворешните пречки како оправдување за бавниот реформски процес и да ги разгледа предложените механизми на ЛДП.

Според Зајкова, напредокот кон Европската Унија треба да се мери преку конкретни институционални реформи и резултати што ќе се почувствуваат во секојдневниот живот на граѓаните.

Проценките за реализација на Реформската агенда се став на ЛДП, а во партиското соопштение не е приложена детална пресметка што би ја потврдила наведената стапка од 35 до 40 отсто.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?