Опозициската СДСМ обвинува дека со ребалансот на буџетот не се предвидени средства за зголемување на минималната плата на 600 евра, ниту дополнителни мерки за заштита на животниот стандард и поддршка на земјоделците. Партијата оценува дека владината политика води кон нови задолжувања, додека граѓаните се соочуваат со раст на трошоците за живот.
СДСМ реагира дека ребалансот на буџетот не нуди финансиска поддршка за работниците и земјоделците, ниту мерки за ублажување на поскапувањата, туку предвидува нови задолжувања што, според партијата, ќе ги отплаќаат граѓаните и идните генерации.
Од опозициската партија тврдат дека во изминатите две години долгот на државата се зголемил за четири милијарди евра и обвинуваат дека средствата не се користат во интерес на граѓаните. СДСМ упатува и обвинувања за злоупотреби при јавните набавки, но во реакцијата не наведува конкретни тендери или докази за таквите тврдења.
Партијата предупредува дека растот на трошоците за живот дополнително го оптоварува семејниот буџет. Според податоците што ги наведува СДСМ, од почетокот на годината трошоците се зголемиле за 4.000 денари, додека октомвриската синдикална минимална кошничка надминува 70.000 денари, а со трошоците за кирија достигнува речиси 90.000 денари.
СДСМ тврди дека околу 180.000 работници примаат плата под 31.200 денари, а минималната плата изнесува 26.000 денари. Според партијата, овие примања не се доволни за покривање на основните потреби на едно семејство, поради што бара поголема поддршка за работниците.
Во реакцијата се посочуваат и најавите за можни поскапувања на електричната енергија и парното. СДСМ ја критикува Владата дека во текот на годината ги одбивала мерките предложени од опозицијата за справување со кризата и заштита на стандардот.
„Ова е свесен избор на Мицкоски: за работниците нема, за партиските тендери има“, наведува СДСМ, оценувајќи дека владината политика создава нови долгови без соодветна помош за граѓаните.
Од партијата бараат мерки за зголемување на платите, заштита на куповната моќ и поддршка на земјоделците.

