Кинеската комунистичка партија започна четиридневен пленум на кој претседателот Си Џинпинг претстави нацрт-документ за надминување на управувачките предизвици и поефикасно спроведување на одлуките на централното раководство. Состанокот зад затворени врати во Пекинг претставува клучна фаза за зацврстување на неговиот авторитет пред очекуваната реконструкција на врвот на партијата во 2027 година.
Централниот комитет на кинеската Комунистичка партија го одржува својот Петти пленум во Пекинг, собирот на највисоките партиски функционери кој ќе трае до четврток. Ова е петто заседание на актуелниот состав формиран во 2022 година.
Според извештаите на кинеската државна агенција Синхуа, Си поднел извештај за мерки со кои треба да се усовршат институционалните правила и прописи. Целта е да се затворат правните празнини, да се зајакнат заштитните механизми и да се спречи одлуките на раководството да останат само формална реторика.
Документот става акцент на подигнување на капацитетите за управување со државата и економијата, но и на продолжување на строгите мерки против корупцијата, прашање што претседателот го држи во фокусот во текот на целото свое владеење.
Аналитичарите оценуваат дека ова заседание е последен голем партиски собир пред најавените кадровски промени во 2027 година. Очекувањата се дека Си тогаш ќе го обезбеди својот четврти мандат на чело на партијата и државата.
Во изминатите години под раководство на кинескиот претседател беа спроведени сеопфатни проверки и смени кои опфатија стотици високи функционери, генерали и поранешни партиски сојузници.

