Новинарите му се изнасмеаа на Радев

Обидот на бугарската Влада да им објасни на медиумите како треба да ги пренесуваат изјавите на премиерот Румен Радев предизвика потсмев и остри критики. Владината објава на Фејсбук собра над 3.700 реакции со смеа и повеќе од 2.000 коментари, додека Асоцијацијата на европските новинари во Бугарија предупреди дека власта нема право да им пропишува професионални стандарди на новинарите.

Контроверзијата започна откако владината прес-служба објави соопштение во кое ги повика медиумите веродостојно и во целост да ги пренесуваат изјавите на премиерот Радев, обвинувајќи дел од нив дека ги скратуваат, манипулираат со нив или ги вклучуваат во политички наративи.

Реакцијата на Владата следуваше по обвинувањата дека Радев ги злоупотребил официјалните владини канали за предизборна поддршка на претседателската кандидатка Илијана Јотова.

Премиерот јавно ги повика граѓаните да гласаат за Јотова во вториот круг од претседателските избори, закажан за 1 ноември. Неговиот повик беше објавен и на официјалната интернет-страница на бугарската Влада.

Противкандидатот Андреј Ѓуров поднесе претставка до Централната изборна комисија, обвинувајќи ја Владата дека користи државни ресурси за предизборна кампања.

Наместо да се ограничи на одговор на обвинувањата, владината прес-служба објави став за начинот на кој медиумите треба да ги пренесуваат изјавите на премиерот.

Тоа предизвика бурни реакции меѓу бугарските новинари.

Асоцијацијата на европските новинари во Бугарија оцени дека обидот на владината прес-служба да им држи лекции на медиумите за професионалните стандарди е опасен.

Од организацијата порачаа дека медиумите не се платформи за пренесување владини соопштенија, а новинарите не се само држачи за микрофони кои некритички ги повторуваат изјавите на политичарите.

Тие нагласија дека професионалната обврска за точно известување не значи дека новинарите мора во целост да ги пренесуваат говорите на премиерот. Медиумите имаат право да избираат што е важно, да поставуваат контекст, да анализираат и критички да ги оценуваат изјавите на функционерите.

Критики упатија и поединечни новинари, кои порачаа дека ниту еден премиер или владин службеник не може да одредува како треба да работат редакциите.

Реакциите се пренесоа и на социјалните мрежи. Според бугарскиот портал „Свободна точка“, владината објава собра повеќе од 3.700 реакции со смеа и над 2.000 коментари, претворајќи го обидот за дисциплинирање на медиумите во повод за јавен потсмев.

Случајот се случува во чувствителен политички момент, само неколку дена пред вториот круг од претседателските избори во Бугарија, во кој Јотова и Ѓуров се борат за претседателската функција.

Спорот околу владините соопштенија така отвори и поширока дебата за користењето на државните ресурси во изборната кампања и границите на политичкото влијание врз независното новинарство.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?